Скопје денеска е домаќин на Скопскиот безбедносен форум 2026, кој годинава се одржува под мотото „Архитекти на стабилноста: Безбедносниот идентитет на Западен Балкан“. Настанот се организира во Собранието на Република Северна Македонија и обединува претставници на институциите, академската заедница, дипломатскиот кор, меѓународните организации, медиумите и граѓанското општество.
Форумот има за цел да отвори стратешка дебата за улогата на Западен Балкан во современата европска безбедносна архитектура, во период кога континентот се соочува со сериозни геополитички предизвици, хибридни закани и засилена конкуренција меѓу големите сили. Во фокусот на дискусиите ќе бидат прашањата за регионалната безбедност, дезинформациите, енергетската сигурност, отпорноста на институциите и потребата од продлабочена соработка меѓу државите од регионот.
На отворањето на форумот се најавени обраќања на претставници на Собранието, Владата, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, академската заедница и Делегацијата на Европската Унија во земјава. Главното излагање ќе го одржи професорот Јулијан Чифу од романскиот Центар за превенција на конфликти и рано предупредување. Првиот панел е посветен на геополитичката позиција на Западен Балкан и неговото место во европската безбедносна структура. Во дискусијата ќе учествуваат експерти и дипломати од неколку европски земји, меѓу кои Полска, Србија, Романија, Австрија и Северна Македонија.
Во рамките на форумот ќе се одржат и панели за судирот на интересите на големите сили на европската периферија, како и за отпорноста на општествата во услови на поликризи и хибридни закани.
Организатори на настанот се Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Универзитетот во Тетово. Форумот се одржува во време кога безбедносната агенда во Европа е силно обележана од војната во Украина, растечките безбедносни ризици и потребата Западен Балкан да биде препознаен како важен фактор за европската стабилност, демократска отпорност и долгорочна безбедност.