Search

Скопје го славеше Меѓународниот ден на џезот

Џезот е живот, прилика да се биде слободен…

Во вторникот, на 30 ти април, во паркот “Ибни Пајко,” Скопје го славеше џезот. На целодневен настан со врвни џез музичари и во организација на Националаниот џез оркестар се одржа осмото по ред издание на целодневниот џез хепенинг, како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот.

Програмата започна со детска работилница која што ја водеше Гордан Спасовски. Потоа имаше настап Сашко Николовски со неговиот Секстет „Not For Sale“ и хорнистка од Унгарија, Фани Посо која што е навистина еден редок пример на музичар која со еден нетипичен инструмент одлично свири џез. Таа настапи со музичари од Србија и од Германија. Настап имаше и Гоце Стевковски со неговиот квартет наречен “Богданци реунион квартет“, а по него посетителите уживаа во настапот на Лана Јањанин, пеачка од Хрватска со нејзиниот бенд од Словенија, по што настапи Емин Џијан со музичарите од „Magic Orcestra“. Вечерта ја затворија извонредните Карлос Сардју Грув Месинџерс од Куба.

– Денес слушаме џез. Веќе по осми пат традицинионално го славиме Меѓународниот ден на џезот на мое задоволство и претпоставувам на задоволство на публиката во вакво едно поголемо издание со поголема бина со поголема и поразлична програма. Со музичари од земјава и од блиското соседство, како и со музичари од Куба, од Германија и од Австрија. За нас се битни овие настани затоа што ова е еден начин на кој што може да се сподели што се случува во светот на музиката во овој момент од различни региони. Како размислуваат луѓето, како се инспирираат и мислам дека публиката ужива и дека ни фалат вакви настани. Убаво е што изминативе неколку години се отвори некако џез сцената, односно се врати како што беше пред 20-25 години и луѓето сакаат да слушаат нова музика. Ги интересира и спремни се да слушаат и по авангардна музика што е супер и остава простор музичарите да бидат послободни и пооткачени – вели Емин Џијан од Националниот Џез оркестар.

Фани Поса, со нејзниот „Фани Поса квартет“ беше едно убаво доживување за сите оние кои во вторникот беа во Ибни Пајко. Исклучителна музичарка со една посебна енергија која се пренесува преку нејзината музика.

– Џез музиката за мене е нешто посебно особено затоа што свирам на хорна, а тоа не е е типичен џез инструмент и не се сретнува често во џезот. Работев доста напорно за да можам да го презентирам овој инструмент во делот на џезот, да бидам солист и да ја свирам својата музика. За мене е навистина големо задоволство да ја свирам оваа музика со еден уникатен инструмент. Штотуку го снимв мојот деби албум пред еден месец и со мојот квартет ја свиревме музиката од тој албум. Се работи за целосно нов материјал кој до сега не бил свирен и ова е своевидна премиера на албумот. Го сакам овој фестивал, градот и културата се навистина убави овде. Фестивалот е одличен особено начинот на кој Гоце Стевковски ја состави програмата. Навистина сум имперсионирана- вели Фани.

Џез вечерта во Ибни Пајко ја затворија Carlos Sardy Groove Messengers со нивната кубанска музика.

-Џезот за нас е живот. Прилика да се биде слободен. Да се искажеме себе си, нашата музика, пред новата публика. Начин да ја пренесеме музиката од Куба, на начин на кој ја свириме во Куба. Затоа и одлучив да станам музчар. Да ги допрам луѓето без да ги допрам физички туку преку музиката. Музичарите зборуваат со публиката и публиката зборува со музичарите и без да користиме зборови. Токму тоа е убавината на музиката за мене- вели Карлос.

И токму тоа е џезот. Начин на живот. Израз на слобода.  Алатка за промовирање на мир и дијалог меѓу културите, почитување на различноста, човековите права и достоинство, алатка за искоренување на дискриминацијата, негување родова еднаквост и промовирање на слободата на изразување.

фотографии: Национален џез оркестар/ Татјана Ранташа

Најново

Последни колумни