Саутпарк ја промовираше „Невидлива“

Македонскиот бенд Саутпарк денеска, премиерно ги претстави својата нова песна „Невидлива“ и видеоспотот за неа, преку онлајн промоција.

По минатогодишната песна „Можеби“, со која донесоа интересен спој на меланхолија, енергичност, современ звук и носталгија, членовите на Саутпарк продолжуваат да го развиваат својот препознатлив музички израз.

Аудиомиксот и мастерингот на „Невидлива“ се дело на Дамир Пух од GreenRoom Sound Studio, додека за целосната изработка на видеоспотот се погрижија Дарја Николовска и Никола Спасеноски.

„Секогаш е возбудливо да се следи процесот на тоа како една идеја прераснува во песна. ‘Невидлива’ е одраз на нашиот бендски призвук и среќни сме што доби форма, звук и слика. Се надеваме дека секој ќе ја доживее на свој начин“, велат членовите на Саутпарк.

Песната и видеоспотот веќе се достапни на YouTube, а наскоро „Невидлива“ ќе може да се слуша и на сите поголеми стриминг-платформи.

Саутпарк е добро познато име на скопската музичка сцена. Бендот постои од 2004 година, а низ годините стана препознатлив дел од ноќниот и концертниот живот во главниот град.

Денешната постава ја сочинуваат Светлана Јовановска, со својот моќен и препознатлив вокал, Виктор Николовски на бас-гитара, Христијан Ристески на гитара и Благојче Пенов на тапани.

Членовите на бендот зад себе имаат илјадници настапи и бројни студиски изданија реализирани во рамките на нивните индивидуални музички кариери.

Со „Невидлива“, Саутпарк продолжува да создава авторска музика, носејќи нова песна што ја надополнува нивната долгогодишна музичка приказна.


Видео: https://youtu.be/S1DXfUC1g1M 

е-Трн да боцка во твојот инбокс