Скандал на Мундијалот: УЕФА ја обвини ФИФА дека го руши интегритетот на фудбалот

Загрозена е веродостојноста на Светското првенство во фудбал по одлуката на светската куќа на фудбалот да ја укине автоматската казна по црвениот картон на американскиот напаѓач.

Европската фудбалска федерација УЕФА упати остри критики до ФИФА по одлуката да му се овозможи на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун да настапи во осминафиналето на Светското првенство во САД, и покрај добиениот црвен картон. Светската куќа на фудбалот ја активираше одредбата за условна суспензија на казната на една година. Овој потег предизвика револт кај европските федерации и покрена сериозни сомнежи за регуларноста на целиот мундијалски турнир.

Скандалозен преседан среде Светско првенство

Американскиот напаѓач Фоларин Балогун беше исклучен поради груб прекршок за време на натпреварот од шеснаесетфиналето против Босна и Херцеговина. Според јасните фудбалски прописи, тој требаше автоматски да го пропушти следниот дуел каде што САД се соочува со Белгија во осминафиналната фаза.

Сепак, ФИФА донесе одлука со која ја суспендираше извршната казна. Со оглед на тоа што 25-годишниот фудбалер е најдобар стрелец на својата репрезентација, Белгискиот фудбалски сојуз веднаш реагираше и најави дека ги истражува сите правни и процедурални опции за оспорување на одлуката.

Медиумот „Ди Атлетик“, повикувајќи се на свои извори, објави дека во случајот имало и политичко влијание. Американскиот претседател Доналд Трамп остварил телефонски разговор со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, со цел да издејствува укинување на суспензијата. Од светската фудбалска организација ги демантираа овие тврдења и наведоа дека разговорот немал влијание врз конечната одлука на нивните комисии.

Тврдењата на УЕФА за загрозување на интегритетот

Европската фудбалска централа реагираше со официјално соопштение во кое јасно посочува дека прописите не смеат да се менуваат во текот на самото натпреварување. Според нив, минималната автоматска казна од еден натпревар по црвен картон не е дискреционо право на ниту едно тело, туку фиксно правило.

„Јавната одлука за условна суспензија премина црвена линија. Ногометот се темели на правила кои се основа за поштено и транспарентно натпреварување. Кога чуварите на правилата повеќе не ја гарантираат нивната извесност, тогаш се загрозува интегритетот на играта, а вердостојноста на натпреварувањето доаѓа под знак прашање“, се наведува во официјалниот допис на УЕФА.

Од таму дополнуваат дека ваквиот чекор создава опасен преседан за сите идни слични ситуации на турнирот, бидејќи и другите селекции со право ќе бараат еднаков третман за нивните казнети фудбалери.

Реакции пристигнаа и од поранешниот прв човек на ФИФА, Сеп Блатер, кој јавно запраша во која насока се движи организацијата, додека белгиските државни функционери оценија дека мешањето на политиката во спортските одлуки е директен удар врз спортскиот дух.

е-Трн да боцка во твојот инбокс