Октоподи против син рак: Научниците бараат спас за Јадранот

Синиот рак го загрозува јадранското рибарство. Италијански научници пуштаат октоподи во морето за да ја ограничат неговата популација.

 Инвазивниот син рак сериозно го загрозува рибарството, а италијанските научници се обидуваат да го ограничат со неговиот природен предатор – октоподот.

Италијански научници пуштаат илјадници млади октоподи во морето во обид да ја намалат популацијата на синиот рак, инвазивен вид што последните години предизвикува големи штети во Јадранот и Медитеранот.

Синиот рак потекнува од атлантскиот брег на Северна Америка, а во Средоземното Море најверојатно пристигнал преку баластните води на бродовите. Неговата бројност нагло се зголемила, особено поради затоплувањето на морето, што му создава услови за активно хранење и размножување во текот на целата година.

Во италијанскиот регион Емилија-Ромања штетите од овој вид се проценуваат на десетици милиони евра, а најмногу страда одгледувањето школки. Синиот рак се храни со морски организми, вклучително и млади школки, и има мал број природни предатори.

Проектот „Окто-Блу“ на Универзитетот во Болоња има цел да создаде природна противтежа. Од јуни во морето се пуштени околу 80.000 млади октоподи, кои се одгледуваат во лаборатории и потоа се сместуваат во вештачки подводни живеалишта.

Сепак, научниците предупредуваат дека октоподите не се задржуваат лесно во топлите и песочни лагуни каде што синиот рак е најприсутен. Затоа се разгледуваат и други природни предатори, меѓу кои басот и јагулите.

Истражувачите веруваат дека дури и ограниченото намалување на бројот на женки сини ракови би можело да има значаен ефект, бидејќи една женка може да произведе милиони јајца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс