Грција денеска влегува во период на изразена временска нестабилност, со поројни дождови, силни грмежи, можен град и ветер што на одделни места ќе достигнува брзина до 100 километри на час. Според прогнозите, невремето најпрво ќе ги зафати Јонските острови и западниот дел на земјата, а потоа брзо ќе се прошири кон централните и источните региони.
Во текот на денот се очекуваат силни врнежи и грмежи во Тесалија, Централна Грција, поширокото подрачје на Атина, Евбеја, делови од Пелопонез, планинските региони, Халкидики и Тракија. Попладне и навечер нестабилниот фронт ќе се придвижи кон Кикладите, северниот и централниот дел на Егејското Море, а подоцна локални врнежи се можни и на Додеканезите.
Најсилниот удар на невремето се очекува во попладневните и вечерните часови, кога се можни интензивни врнежи, грмежи и појава на град. Најголем ризик од град има на Јонските острови, во западна Грција, делови од Пелопонез, Тесалија, Централна Грција и Халкидики. Метеоролозите предупредуваат дека и во поширокото подрачје на Атина се можни локални бури, додека во текот на ноќта град не е исклучен ниту на Кикладите.
Покрај врнежите, се очекува и засилен ветер. На одделни локации ударите може да достигнат и до 100 километри на час. Во Јонското Море и северниот и централниот дел на Егејот ќе дува претежно северен и северозападен ветер, додека во јужниот Егеј и Додеканезите ќе преовладува западен и северозападен ветер. Студениот фронт ќе донесе и значително освежување. Максималните дневни температури во поголемиот дел од Грција нема да надминат 34 степени Целзиусови, што е осетно пониско од вредностите измерени во изминатите денови.
Според прогнозите, невремето постепено ќе слабее до доцна вечерва, но во делови од централниот и источниот Егеј локални врнежи може да продолжат и во раните утрински часови во сабота.