Кинескиот пијанист Сихенг Сонг одржа рецитал во црквата „Света Софија“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Со динамична изведба што траеше час и половина, тој пред охридската публика изведе дела од Дебиси, Моцарт, Пејжун Чен, Шопен и сопствени клавирски поеми.
Рециталот започна со композицијата „Месечева светлина“ од Клод Дебиси, по што следеше Сонатата за пијано бр. 16 во C-dur од Волфганг Амадеус Моцарт. Во вториот дел од концертот, Сонг ја изведе „Есенска месечина врз мирното езеро“ од кинескиот композитор Пејжун Чен, како и сопствени авторски дела обединети во циклусот „Клавирски поеми од Земјата“.
Програмата го опфати и обемниот циклус од 24 прелудиуми од Фредерик Шопен, кој бараше целосна концентрација и техничка прецизност.
Сонг целиот репертоар го изведе на памет, демонстрирајќи контрола врз динамичките градации на инструментот. По завршувањето на официјалниот дел, тој го истакна значењето на комуникацијата со слушателите во салата.
„Сметам дека програмата беше мал предизвик бидејќи некои дела беа мои и публиката првпат ги слушна. Имаше и едно многу долго дело, 24 Прелудиуми од Шопен, но публиката остана до крај на своите места. Нејзината реакција е многу важна за уметникот. Тоа е хемиска размена помеѓу луѓето. Затоа музиката е многу важна, зашто ги зближува луѓето“, изјави Сонг.
Пијанистот дипломирал на Високата школа за музика во Париз во класата на Маријан Рубицки, а ги продолжил студиите на Парискиот конзерваториум кај Оливие Гардон и приватно се усовршувал со Доминик Мерле.
Од 2010 година, овој уметник развива нов концепт на настапи во кои стандардниот рецитален формат го комбинира со мултимедијални елементи. Досега има реализирано пет проекти кои спојуваат музика, театар и литература, со цел класичните дела да се доближат до современата публика.