Швајцарската федерална разузнавачка служба најави дека конечно ќе ги отвори долго чуваните тајни досиеја за озлогласениот нацистички злосторник Јозеф Менгеле , познат како „Ангелот на смртта“. Иако сè уште не е познат точниот датум на објавување, одлуката веќе предизвика огромно внимание кај историчарите и јавноста.
Менгеле, поранешен лекар во нацистичкиот логор, беше еден од најбараните воени злосторници по Втората светска војна. Во логорот Аушвиц одлучувал кои затвореници ќе завршат во гасните комори, а вршел и брутални медицински експерименти врз деца и близнаци.
По војната, Менгеле избегал од Европа со лажен идентитет и со документи издадени преку швајцарскиот конзулат во Џенова. Иако официјално живеел во Јужна Америка, историчари со години се сомневаат дека тајно престојувал и во Швајцарија, дури и откако по него била распишана меѓународна потерница.
Истражувачите тврдат дека швајцарската полиција во 1961 година следела стан изнајмен од сопругата на Менгеле во Цирих, а постојат сомнежи дека и самиот Менгеле бил виден во земјата. Сепак, властите со децении одбиваа да ги објават документите, повикувајќи се на национална безбедност и заштита на семејството.
Историчарите сметаат дека отворањето на досиејата би можело да открие дали швајцарските власти знаеле за движењата на Менгеле и дали намерно замижале пред неговото присуство. Некои веруваат дека документите содржат и информации за соработка со странски разузнавачки служби, вклучително и Mossad.
Јозеф Менгеле никогаш не беше уапсен ниту осуден за злосторствата. Почина во Бразил во 1979 година под лажно име, а неговиот идентитет беше официјално потврден со ДНК анализа дури во 1992 година.