Шумскиот пожар што избувна во шумата Фонтенбло, југоисточно од Париз, опасно се приближи до населените места, поради што француските власти евакуираа околу 1.000 жители како превентивна мерка.
Во гаснењето на пожарот учествуваат околу 400 пожарникари, како и специјализирани авиони за гаснење пожари. Огнот досега зафатил околу 800 хектари шумска површина, а силните горештини и сувото време дополнително го отежнуваат неговото локализирање.
Поради ширењето на пожарот привремено беа затворени делови од автопатот А6, а железничкиот сообраќај кон и од Париз беше сериозно нарушен. Засега нема информации за повредени лица или за уништени куќи.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нинез изјави дека постојат индиции оти пожарот можеби бил намерно предизвикан, бидејќи биле забележани повеќе почетни жаришта. Истрагата за причините е во тек.
Франција, како и голем дел од јужна Европа, изминатите недели се соочува со серија силни топлотни бранови и бројни шумски пожари, кои ги принудија властите на масовни евакуации и мобилизација на дополнителни противпожарни сили.