Археолозите повторно започнаа со истражувања на Самуиловата тврдина во Охрид, локалитет кој под денешните ѕидини крие траги од различни историски периоди, од праисторијата и антиката до средниот век и османлиското време.
Годинешните археолошки истражувања се насочени кон доистражување и документирање на археолошките остатоци, како и создавање услови за идната ревитализација на комплексот. Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам, а со истражувањата раководи археологот и виш кустос Анатоли Арнаудоски.
Тврдината е многу постара од Самуил
Иако денешниот изглед на тврдината најчесто се поврзува со цар Самуил, археолошките истражувања покажуваат дека просторот бил користен многу векови пред средновековниот период.
При претходните ископувања биле пронајдени траги од живот уште од бронзеното време, како и материјални остатоци од архајскиот и хеленистичкиот период. Откриени се и остатоци од постара фортификација, меѓу кои камени блокови во близина на северниот бедем на денешната цитадела.
Тоа покажува дека ридот низ вековите бил повеќепати доградуван, менуван и повторно користен.
Нови откритија под старите ѕидини
Претходните археолошки кампањи открија повеќе интересни наоди.
Во 2024 година истражувачите работеле на простор каде што била откриена некропола од 12 век, фамилијарна доцноантичка гробница, како и фрагменти од мозаик поврзани со архитектонски остатоци во јужниот дел на цитаделата.
Во 2022 година биле истражени околу 150 квадратни метри во јужниот дел на тврдината. Таму биле пронајдени остатоци од поголем архитектонски комплекс, керамички садови, глеѓосани чинии, лулиња, монети и други предмети кои сведочат за секојдневниот живот на луѓето што го користеле просторот.
Истражувани се и објекти поврзани со османлискиот период, меѓу кои и остатоци од објект поврзан со Џеладин-бег, охридски управител од почетокот на 19 век.
Од археолошки локалитет до културен простор
Новите ископувања се дел од пошироката идеја за ревитализација на Самуиловата тврдина.
Плановите опфаќаат уредување на просторот, обновување и заживување на летната сцена, нови патеки за посетителите, подобро означување и презентирање на археолошките содржини, ново осветлување и озвучување, како и други инфраструктурни интервенции.
Целта е тврдината да не биде само место од кое посетителите ќе го набљудуваат Охридското Езеро, туку простор во кој ќе можат да ја разберат историјата што се наоѓа под нивните нозе.
А токму новите археолошки истражувања треба да покажат колку од долгата историја на Охрид сè уште останала скриена под еден од најпознатите симболи на градот.