Кога еден производ навистина може да се нарече „Произведено во Европа“? Прашањето отвора нов спор меѓу Франција и Германија токму во момент кога Европската Унија се обидува да ја зајакне својата индустрија и да одговори на растечката конкуренција од Кина. Шпанија во спорот влегува со предлог што би требало да ги приближи двете позиции.
Европската комисија предложи нов Закон за индустриско забрзување со кој производите произведени во Европа, меѓу нив автомобили, челик и зелени технологии – би добиле повластен третман при јавните набавки. Но, клучното прашање е: што точно ќе се смета за европско?
Франција сака построги правила
Франција се залага за модел во кој предност би имале производите произведени во рамките на внатрешниот пазар на ЕУ. Германија, пак, предлага поширок пристап. Берлин сака во правилата да бидат опфатени и трговските партнери на Унијата, под услов тие да им обезбедат на европските компании еднаков пристап до своите јавни набавки.
Тоа би можело да ги опфати земјите потписнички на Договорот на Светската трговска организација за јавни набавки, но и државите што со ЕУ имаат договор за слободна трговија или царинска унија. Германската министерка за економски прашања Катарина Рајхе изјави дека европската индустриска политика треба да се темели на принципот „произведено со Европа“. Според германскиот предлог, во пошироката категорија би можеле да влезат земји како Норвешка и Швајцарија, но и други стратешки партнери.
Шпанија предлага три категории
Шпанија се обидува да најде средина меѓу францускиот и германскиот пристап. Шпанскиот министер за индустрија Жорди Ереу и Бое посочи дека основата мора да ја сочинуваат сите 27 членки на ЕУ, но истовремено треба да се задржи концептот на „отворена стратешка автономија“, односно соработка со други држави. Шпанскиот предлог ја дели европската предност на три групи.
Првата би ги опфатила 27-те членки на ЕУ. Втората би ги вклучила земјите од Европскиот економски простор, како Норвешка, како и доверливи партнери кои обезбедуваат реципрочен пристап до јавните набавки.
Третата би ги опфатила државите со договори за слободна трговија или царински унии со ЕУ, како и земјите потписнички на договорот на СТО за јавни набавки. Во оваа категорија би можеле да се најдат и компании од трети земји што произведуваат компоненти од критично значење за економската безбедност на ЕУ, особено кога Унијата нема доволно сопствени производствени капацитети или алтернативни извори на снабдување.
А каде е Италија?
Италија, третата најголема економија во ЕУ, засега нема зазeмено целосно јасна позиција. Министерот за претприемништво Адолфо Урсо изјави дека Рим поддржува европска предност која би останала отворена за стратешки партнери. Според него, политиката треба да тргне од индустриската база на 27-те земји членки, но истовремено да ги земе предвид европските индустриски синџири и стратешките партнери.
Ирска, која до крајот на годината претседава со Советот на ЕУ, се надева дека до декември ќе може да посредува во постигнувањето компромис меѓу 27-те земји членки. Додека Брисел сака да ја зајакне европската индустрија, спорот меѓу Париз и Берлин покажува дека зад едноставната ознака „Произведено во Европа“ всушност стои многу посложено прашање: каде завршува европската индустрија – и колку далеку треба да оди Унијата во заштитата на сопственото производство?
Фото: Grok AI