Кравите од Крива Паланка станаа светска вест: Македонија увезува храна, а добитокот уништува ниви

Американската новинска агенција објави репортажа за Крива Паланка, во која раскажува како неконтролирано стадо станало симбол на институционалната немоќ.

Повеќе од 1.000 крави, три сопственици, наредба за одземање од 2024 година и проблем кој сè уште нема решение. Вака изгледа приказната за Крива Паланка што на 13 ноември ја објави американската новинска агенција Асошиејтед прес, носејќи ја македонската институционална драма пред меѓународната јавност.

Репортажата на новинарот Константин Тесторидес, придружена со фотографии од Борис Грданоски и видеоснимки на Флорент Бајрами, ја прикажува секојдневната реалност на жителите кои со години живеат со неконтролирано движење на добиток низ градот и околните села.

На снимките кравите се движат по улици, преминуваат река, пасат на јавни површини и се појавуваат во непосредна близина на домовите.

Американската агенција ја отвора приказната за институциите

Асошиејтед прес посебно внимание посветува на фактот дека Агенцијата за храна и ветеринарство уште во 2024 година издала наредба за одземање на стадото од тројцата сопственици, но таа сè уште не е спроведена.

Градоначалникот Сашко Митовски за агенцијата изјавил дека бројот на животните за четири години пораснал од околу 400 на повеќе од 1.000, додека надлежните институции не успеале да го решат проблемот.

Тој побарал од Владата прогласување 30-дневна кризна состојба, со цел да се обезбедат средства и ресурси за справување со ситуацијата.

Во репортажата се наведува и дека обидот за правно постапување против еден од сопствениците завршил без очекуваниот исход. Митовски тврди дека инспектор на Агенцијата пред судот сведочел дека сопственикот не го попречувал одземањето, иако претходно бил обвинет токму за тоа.

АП наведува дека претставник на Владата не одговорил веднаш на барањето за коментар.

„Страдаме сите – и луѓето и животните“

Покрај институционалните проблеми, американската агенција ги пренесува и сведоштвата на жителите.

Седумдесет и едногодишниот Лазо Стаменковски раскажува дека кравите му уништиле повеќе од 150 дрвја во овоштарникот, додека други жители предупредуваат дека животните го загрозуваат сообраќајот на патот кон Бугарија.

Педесет и деветгодишната Венка Николовска за АП изјавила дека одговорноста е кај институциите, а не кај животните.

„Страдаме сите – и луѓето и животните“, порачала таа.

Асошиејтед прес наведува дека незадоволството кај населението е толку големо што имало и случаи на насилство врз животните.

За Крива Паланка известува и Euronews

Приказната доби внимание и од Euronews, кој на 13 ноември објави видеоприлог за состојбата во Крива Паланка, прикажувајќи животни што се движат меѓу автомобили, куќи и јавни површини.

За градот со околу 19.000 жители, кравите одамна не се необична глетка, туку проблем што ги загрозува земјоделските имоти, сообраќајот и секојдневното функционирање.

Парадоксот е што стадото, според процените наведени во репортажата на АП, вреди меѓу 360.000 и 570.000 евра, а дел од жителите предлагаат негова продажба на луѓе што ќе можат соодветно да се грижат за животните.


Со репортажата на Асошиејтед прес, институционалниот проблем од Крива Паланка доби меѓународна видливост. Но, додека светските медиуми ја пренесуваат приказната, жителите сè уште чекаат решение.

е-Трн да боцка во твојот инбокс