Што знаеме за Сеута и зошто 60.000 луѓе за само 24 часа се упатија кон ова мало парче Европа во Африка?

Шпанската енклава повторно е во центарот на мигрантска криза. Десетици илјади луѓе влегоа од Мароко, има десетици загинати, а премиерот Педро Санчез ја нарече ситуацијата „напад врз територијалниот интегритет на Шпанија“.

Шпанската автономна енклава Сеута, сместена на северниот брег на Африка, повторно се најде во центарот на една од најголемите мигрантски кризи во последните години. Според проценките на шпанските безбедносни служби, околу 60.000 луѓе нелегално влегле во Сеута од Мароко во последните денови, при што најголемиот дел од нив ја преминале границата во текот на само 24 часа.

Во меѓувреме, бројот на загинати при обидите пливајќи да стигнат до шпанската територија се искачи на 34 лица.

Шпанскиот премиер Педро Санчез ја посети Сеута и оцени дека случувањата претставуваат „напад и нарушување на територијалниот интегритет на Шпанија“. Тој најави побрзо враќање на мигрантите во Мароко, поставување заштитни пловечки бариери и ја обвини мрежата на криумчари дека ги доведува во заблуда младите мигранти.

Што е Сеута?

Сеута, заедно со Мелилја, е една од двете шпански автономни енклави во Северна Африка и единствените копнени граници меѓу Европската Унија и Африка. Градот се наоѓа на брегот на Средоземното Море, на влезот во Гибралтарскиот Теснец, а со Мароко го дели копнена граница долга околу осум километри.

Во Сеута живеат околу 84.000 жители, а населението го сочинуваат христијани, муслимани, Евреи и Хиндуси. Официјален јазик е шпанскиот, но широко се зборува и дарија, марокански арапски дијалект. Иако Шпанија управува со Сеута повеќе векови, Мароко не го признава шпанскиот суверенитет над Сеута и Мелилја и ги смета за окупирани територии.

Зошто мигрантите ја избираат Сеута?

За многумина мигранти, Сеута е најкраткиот пат до Европската Унија. Најчесто тие пливаат од мароканскиот град Фнидек, поминувајќи околу пет километри до шпанската територија. Други се обидуваат да преминат од блискиот Белјунеш, каде што растојанието е пократко.

Поради масовниот прилив, шпанското Министерство за внатрешни работи испрати околу 350 дополнителни полицајци и припадници на Цивилната гарда, како и специјални тимови за идентификација и евидентирање на мигрантите.

Политички тензии

Претседателот на регионалната влада на Сеута, Хуан Хесус Вивас, побара прогласување вонредна состојба и распоредување на армијата, но Владата во Мадрид засега го одби тоа барање. Кризата предизвика реакции и во САД. Високи претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја искористија ситуацијата во Сеута како аргумент во дебатата за имиграциската политика.

Сеута и претходно беше жариште на мигрантски и дипломатски кризи. Во 2021 година, околу 8.000 мигранти влегоа во градот за само два дена, по што односите меѓу Шпанија и Мароко сериозно се влошија. Тензиите беа намалени дури откако Владата на Педро Санчез ја промени долгогодишната политика на Шпанија кон Западна Сахара, по што следуваше средба со мароканскиот крал Мохамед Шести.

е-Трн да боцка во твојот инбокс