Шпанија со 21 мерка за станбената криза: Станува ли домот повторно недостижен за милиони?

Владата на Педро Санчез усвои итен пакет мерки по масовните протести низ земјата, поттикнати и од иселувањето на 87-годишна жена од нејзиниот дом во Мадрид. Пакетот предвидува помош за кирија и купување прв дом, поголема заштита од иселување и нови правила за изнајмување.

Иселувањето на 87-годишната Марија дел Кармен Абаскал од нејзиниот дом во Мадрид предизвика протести низ Шпанија и дополнително го зголеми притисокот врз премиерот Педро Санчез. Станбената криза, која со години го отежнува пристапот до дом за голем број граѓани, сега повторно е во центарот на политичката дебата, а владата одобри пакет од 21 итна мерка.

Мерките беа усвоени откако парламентот претходно ги отфрли сличните предлози на владата. Во меѓувреме, Санчез распиша предвремени парламентарни избори за 29 ноември, откако неговата коалициска влада не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство за своите станбени мерки.

Што предвидуваат 21-те мерки?

Пакетот има четири главни цели: олеснување на пристапот до прифатливо изнајмување и купување прв дом, зголемување на понудата на станови, поголема стабилност за станарите и сопствениците и дополнителна заштита на граѓаните во станбена несигурност.

Меѓу мерките е даночно олеснување за станарите, но и даночни поттикнувања за малите сопственици кои ќе изнајмуваат по прифатливи цени. Владата предвидува и ограничувања и регулација на дел од пазарот на краткорочно и сезонско изнајмување, како и мерки против шпекулативното купување недвижности.

Една од најзначајните новини е линијата за финансирање „Ту Каса“, вредна 10 милијарди евра. Преку неа, лицата што купуваат прв дом ќе можат да добијат бескаматен заем до 50.000 евра, со кој би се покрил дел од потребното учество за купување недвижност.

Владата планира и дополнителни средства за зголемување на станбената понуда – 280 милиони евра гаранции за индустријализирана изградба и 400 милиони евра за поддршка на давателите на социјално домување. Јавната компанија „Каса 47“ треба да добие илјадници недвижности во сопственост на социјалното осигурување што можат да се пренаменат во станбен фонд, додека дополнителни 7 милијарди евра се предвидени за автономните заедници за изградба на социјални станови.

„Нема да дозволиме повторно иселување како она на Мари Кармен“

Санчез по усвојувањето на мерките порача дека владата нема да дозволи повторно да се случи случај како оној на Абаскал. Случајот со 87-годишната жена стана симбол на станбената криза и беше еден од непосредните поводи за протестите низ земјата.

„Нема да дозволиме ниту едно иселување како она што го доживеа Мари Кармен или оние што се случија откако мерките престанаа да важат“, изјави Санчез, повикувајќи ја и опозицијата да ги поддржи новите мерки.

Бидејќи парламентот е распуштен поради предвремените избори, за мерките ќе одлучува привремено тело од 69 членови. За нивно потврдување се потребни 35 гласа.

Протестите ескалираа во Барселона

Станбената криза предизвика масовни протести низ Шпанија, при што во Барселона протестот што започна како мирен марш прерасна во судири со полицијата. Дел од демонстрантите фрлале камења кон полицајците и палеле контејнери за отпад.

Демонстрантите бараат поголема заштита за станарите, мерки против измами и забрана за иселување доколку за загрозените лица не е обезбедено алтернативно сместување. Проблемот е дополнително засилен со растот на цените на недвижностите и кириите и недостигот на станови, особено во поголемите градови.

Станбената политика сега е и едно од главните прашања во пресрет на предвремените избори на 29 ноември, откако пристапот до домување повторно се најде во центарот на јавниот притисок врз владата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс