Германија, Италија, Австрија, Полска, Португалија и Шпанија бараат на европско ниво да се отвори прашањето за воведување данок на дополнителниот профит на нафтените компании, остварен во услови на енергетска криза и нарушено снабдување. Шесте земји предлагаат прашањето да биде ставено на агендата на следниот состанок на министрите за финансии на ЕУ во Даблин.
Според нацрт-заедничкото писмо, министрите сметаат дека енергетските компании остваруваат висока профитабилност во момент кога потрошувачите се соочуваат со зголемени трошоци за живот. Особено внимание се посветува на маржите кај рафинираните нафтени производи, кои, според потписниците, пораснале повеќе од цената на суровата нафта.
Нов данок по примерот од 2022 година?
Шесте земји предлагаат создавање заедничка европска рамка за оданочување на вишокот профит. Како можна основа би можело да послужи искуството од привремениот данок воведен во 2022 година, по руската инвазија врз Украина, кога енергетските компании остварија значително повисоки приходи поради нарушувањата на пазарот.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбеил претходно порача дека енергетските компании не треба да ја користат кризата за остварување прекумерен профит. Иницијативата доаѓа во период на сериозни нарушувања на глобалното снабдување со енергенси и зголемена загриженост околу цените на нафтата.
Според предлагачите, целта е дел од дополнителниот профит што произлегува од кризата да се врати во јавните буџети, наместо целосно да заврши кај енергетските компании.
Засега нема донесена одлука за воведување нов европски данок на нафтените компании. Предлогот допрва треба да биде разгледан од земјите членки и европските институции.