16 загинати во рускиот напад врз трговски центар во Украина: Се истражува дали продавницата требало да биде евакуирана

Истрагата треба да покаже дали евентуални пропусти во организацијата на евакуацијата придонеле за големиот број жртви.

Најмалку 16 лица загинаа, а 130 се повредени, меѓу кои 23 деца, во рускиот напад со дронови врз трговски центар во Криви Рих. Спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по можни исчезнати лица. Украинската полиција во Дњипропетровската област отвори кривична постапка против директорот на супермаркетот во објектот, поради сомнение за немарност во текот на воздушната тревога.

Според украинскиот министер за внатрешни работи Иван Вихивски, продавницата наводно останала отворена и покрај предупредувањето за воздушен напад.

„Значителен број од загинатите во нападот на трговскиот центар беа пронајдени во супермаркетот“, изјави Вихивски.

Поминале 20 минути од тревогата до ударот

Украинските власти наведуваат дека од активирањето на воздушната тревога до првиот удар со дрон поминале околу 20 минути. Истрагата треба да утврди дали: вработените и посетителите биле навреме предупредени, дали била издадена наредба за евакуација, дали биле почитувани безбедносните протоколи, дали засолништата биле достапни и функционални и дали вратите на засолништето биле евентуално блокирани.

Покрај директорот на супермаркетот, ќе се испитува и постапувањето на одговорните лица во компанијата што го поседува трговскиот центар, како и на други компании што работат во објектот.

Вихивски нагласи дека во услови на воздушна тревога брзата реакција е клучна за заштита на човечките животи, особено во областите блиску до фронтот. Истрагата треба да покаже дали евентуални пропусти во организацијата на евакуацијата придонеле за големиот број жртви.

е-Трн да боцка во твојот инбокс