Shell продава 580 бензински станици во Јужна Африка, западните компании се повлекуваат од земјата

Shell го продава малопродажниот бизнис во Јужна Африка на Adnoc за околу една милијарда долари, во период кога западните компании се повлекуваат од земјата.

Shell се повлекува од малопродажниот бизнис во Јужна Африка по повеќе од еден век присуство. Енергетскиот гигант склучи договор за продажба на своите 580 бензински станици на Националната нафтена компанија на Абу Даби, Adnoc, во зделка вредна околу една милијарда долари.

Договорот означува крај на едно големо поглавје за Shell во Јужна Африка, но не и целосно заминување од земјата. Бензинските станици ќе продолжат да го користат брендот Shell под лиценца, додека компанијата ќе остане активна во истражување и експлоатација на нафта и гас долж јужноафриканскиот брег.

Shell е присутен во Јужна Африка уште од почетокот на 20 век. Локалниот трговец Јулиус Вајл почнал да продава керозин под брендот Shell во 1902 година, а компанијата во 1921 година основала рафинерија во Дурбан. Низ децениите, Shell стана едно од најпрепознатливите имиња на јужноафриканскиот пазар на горива.

Компанијата првпат најави дека го продава малопродажниот бизнис во Јужна Африка во 2024 година. Тогаш од Shell порачаа дека одлуката не била лесна, но дека е дел од поширокото преструктурирање на глобалните активности.

Продажбата доаѓа во период кога Јужна Африка се соочува со сериозни економски и политички предизвици. Земјата, иако е најразвиената економија на континентот, со години се бори со слаба економска раст, високи трошоци за енергија, лоша инфраструктура, криминал и корупциски скандали.

Дополнително, во последниот период земјата ја потресуваат и насилни протести насочени против имигранти. Во еден ден кон крајот на јуни биле организирани околу 120 протестни маршеви, а биле уапсени околу 900 лица. Дел од африканските држави, меѓу кои Нигерија, Гана и Малави, вратиле илјадници свои државјани од Јужна Африка.

Антиимигрантското расположение се поврзува и со високата невработеност, која изнесува околу 33 проценти. И покрај тоа што Јужна Африка останува економски најсилна земја на континентот, нејзиниот раст во поголем дел од постпандемискиот период е под еден процент годишно.

Во такви услови, сè повеќе западни компании се повлекуваат или го намалуваат присуството во земјата. Покрај Shell, меѓу компаниите што се повлекле или ги намалиле активностите се споменуваат British American Tobacco, Rolex, Nissan, BNP Paribas и HSBC.

Но, заминувањето на западните компании не значи празен простор. Напротив, нивното место сè почесто го заземаат компании од Кина и од Блискиот Исток. Кинескиот производител Chery ја презеде локалната фабрика на Nissan, а сега Adnoc влегува во малопродажниот пазар на горива преку купувањето на бензинските станици на Shell.

За Adnoc, оваа зделка е дел од поширока стратегија за меѓународно ширење. Компанијата веќе ги проширува активностите во Саудиска Арабија и Египет, а со влезот во Јужна Африка добива значајно присуство на еден од најважните пазари на континентот.

Од Adnoc оценуваат дека инвестициите во транспортна инфраструктура и растечката популација на возачка возраст во Јужна Африка создаваат простор за раст на потрошувачката на горива.

Компанијата ќе продаде 28 проценти од уделот на локален партнер, во согласност со правилата за економско учество на црното население во Јужна Африка. Токму тие правила претходно беа критикувани од Илон Маск, роден во Јужна Африка, кој бараше изземање за странските компании.

Продажбата на бензинските станици на Shell покажува поголема промена во економската мапа на Јужна Африка. Додека западните компании стануваат повнимателни поради политичките ризици, слабата инфраструктура и високите оперативни трошоци, инвеститори од Кина и Блискиот Исток гледаат можност за проширување.

Така, една зделка во секторот горива станува знак за поширок геоекономски пресврт: Јужна Африка останува важен пазар, но инвеститорите што ја обликуваат нејзината иднина сè почесто доаѓаат од Истокот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс