Данска ќе предложи законска забрана за користење мобилни телефони во основните училишта и во нижите класови од средното образование, почнувајќи од новата учебна 2027 година. Според најавата на данското Министерство за образование, мерката опфаќа и други приватни електронски уреди со интернет-пристап, како и задолжително филтрирање на содржините на училишните мрежи. Целта на овој чекор е да се намалат дигиталните пречки за време на наставата и да се заштити концентрацијата на учениците.
Предлогот на данските власти не се ограничува само на паметните телефони, туку важи за сите приватни електронски уреди што можат да се поврзат на интернет. Министерството за образование соопшти дека мерката ќе стапи во сила со почетокот на учебната 2027 година и ќе ги опфати основните училишта и нижите класови во средните училишта низ земјата.
„Децата треба да можат да одат на училиште без постојано одвлекување на вниманието со работи како социјални мрежи, онлајн купување и играње видеоигри“, порача во официјалното соопштение министерот за образование Магнус Хеунике.
Покрај физичкото отстранување на приватните уреди, планот предвидува и технички ограничувања на училишните интернет-мрежи. За време на наставата ќе се активираат филтри за содржини кои ќе ги блокираат веб-страниците без образовна или педагошка намена.
На листата за блокирање влегуваат социјалните мрежи, платформите за видеоигри и интернет-продавниците. Според предложениот модел, секоја данска општина и секое поединечно училиште ќе донесат самостојна одлука за тоа кои конкретни веб-страници ќе бидат блокирани на нивните мрежи.
Данска се приклучува кон поширокиот европски и светски бран на регулација на паметните телефони во образовниот систем, поттикнат од загриженоста за влијанието на екраните врз однесувањето и фокусот на учениците. Слични забрани за користење паметни телефони во училиштата веќе имаат воведено Холандија, Италија и Јужна Кореја.
Во текот на 2026 година вакви мерки презедоа или најавија и други европски држави. Хрватска во март 2026 година ја забрани употребата на мобилни телефони во основните училишта, додека Полска и Чешка во јуни годинава излегоа со предлози за слични ограничувања во нивните образовни системи.
