Доктор и медицинска сестра од Итната помош претепани пред „Јане Сандански“

Татко и син ги нападнале медицинските лица на работно место, а фелата бара затворски казни и безбедни услови.

Доктор и медицинска сестра од Итната медицинска помош биле физички нападнати од татко и син пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, додека ги извршувале своите професионални работни задачи. Насилството врз медицинскиот тим се случило во саботата, по што реагираа Лекарската комора и Здружението „За нас“ со барање за итно расчистување на случајот, законски санкции и мерки за заштита на здравствените работници.

Според пријавата за инцидентот, напаѓачите биле татко и син кои физички се пресметале со медицинската екипа пред самата здравствена установа во Скопје.

Од Лекарската комора најостро го осудија физичкиот напад врз здравствените работници и побараа од Министерството за внатрешни работи и надлежните правосудни органи итно да го расчистат случајот. Тие инсистираат сторителите да бидат соодветно санкционирани.

Нападот врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност законски се третира како кривично дело, за кое е предвидена затворска казна до пет години.

„Недозволиво е докторите и медицинскиот персонал да бидат изложени на физичко и вербално насилство и да работат во услови на загрозена безбедност“, соопштија од Лекарската комора.

Од Комората најавија целосна правна и психолошка поддршка за повредените колеги и повикаа на дополнителни мерки за поголема безбедност на здравствените работници на нивните работни места.

Реакција испрати и Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, од каде што го оценија нападот пред поликлиниката „Јане Сандански“ како апсолутно неприфатлив и недозволив. Оттаму посочуваат дека инцидентот се случил додека докторот и сестрата професионално и одговорно ги извршувале своите работни задачи.

„Медицинските сестри, техничарите, акушерките, стоматолошките сестри и докторите секојдневно се на првата линија во грижата за здравјето и животот на граѓаните. Тие заслужуваат почит, достоинство и, пред се, безбедни услови за работа. Ниту еден здравствен работник не смее да оди на работа со страв дека може да биде навредуван, заплашуван или физички нападнат додека им помага на пациентите“, порачаа од Здружението „За нас“.


Од здружението побараа од Министерството за внатрешни работи и правосудните институции да ги утврдат сите околности и да преземат соодветни законски мерки против сторителите. Истовремено, тие упатија апел до Министерството за здравство, раководствата на здравствените установи и надлежните институции да воведат конкретни и системски мерки за зголемување на безбедноста на медицинскиот кадар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс