Русија испраќа нуклеарно оружје во вселената до крајот на годинава

Западните разузнавачи предупредуваат дека сателитот Спутник-С може да биде лансиран веќе во декември 2026 година и да ги загрози ГПС и електричните мрежи.

Западните разузнавачки служби проценуваат дека Русија планира до крајот на 2026 година да лансира сателит опремен со нуклеарно оружје во вселената. Активирањето на вакво летало во Земјината орбита може да уништи или да оштети голем број сателити и да предизвика сериозни нарушувања на цивилната инфраструктура и воените операции на Земјата.

Сознанијата доаѓаат од заедничко истражување на германските медиуми ВДР, НДР и Зиддојче цајтунг, кое го пренесува јавниот сервис Тагесшау. Според податоците на новинарските тимови, западните разузнавачки агенции, вклучително и германската Сојузна разузнавачка служба (БНД), располагаат со информации дека Москва подготвува лансирање на нуклеарно вооружен сателит.

Леталото со ознака Спутник-С е завршено пред неколку години и се наоѓа во складиште на поширокото подрачје на Москва. Во разузнавачките проценки од почетокот на ноември 2026 година се наведува дека сателитот може да биде лансиран во рок од 60 дена и набрзо да стане оперативен. Вселенската команда на германската армија проценува дека лансирањето може да се реализира веќе во декември.

Германското Министерство за одбрана одби да ги коментира овие наводи, повикувајќи се на доверливост. Од друга страна, Амбасадата на Русија ги отфрли обвинувањата како неосновани, оценувајќи ги како дел од пропагандна кампања, и нагласи дека руските вселенски активности се исклучиво мирољубиви.

Американската воена разузнавачка агенција (ДИА) во октомври 2026 година објави проценка според која Русија развива сателит наменет за носење нуклеарно оружје. Поставувањето вакво оружје во орбитата претставува директно прекршување на Договорот за вселената од 1967 година, кој забранува распоредување нуклеарно оружје и друго оружје за масовно уништување во вселената. Од ДИА укажуваат дека по влегувањето на сателитот во орбитата, можностите за негово запирање се многу ограничени.

Командантот на американската Вселенска команда, генерал Стивен Вајтинг, процени дека нуклеарна експлозија во вселената би предизвикала дефекти кај приближно една третина од сателитите во ниската Земјина орбита уште во првите часови или денови. Во текот на следните месеци би можеле да престанат да работат и преостанатите сателити.

Последиците од ваква детонација нема да останат ограничени само во орбитата. Експлозијата би создала облак од вселенски отпад што би ги загрозил другите летала, а силниот електромагнетен импулс би предизвикал сериозни нарушувања во електронските системи на Земјата. Германскиот генерал-мајор Армин Флајшман предупредува дека ударот врз секојдневниот живот би бил огромен и би опфатил прекини во снабдувањето со електрична енергија, како и тешки проблеми со комуникациите и навигацијата.


Сателитските мрежи се клучни за функционирање на ГПС системите, банкарските трансакции, телекомуникациите и военото извидување и наведување оружје. Западните армии се значително позависни од сателитската инфраструктура во споредба со руската војска, поради што безбедносните кругови на Западот оценуваат дека Русија со ваков потег би стекнала краткорочна воена предност. Флајшман како можен одговор го посочува развојот на капацитети за онеспособување непријателски сателити или дополнителна заштита на постојните системи, иако таквите вложувања бараат високи финансиски средства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс