Џен Зи се најобразованата генерација досега, но се соочуваат со најтежок пристап до работа и стан

Над 109.000 испитаници во 73 земји сведочат за економска несигурност и одложување на самостојниот живот и покрај дипломите
„Тие што сеат беда, жнеат гнев“ Фото: EPA/MOHAMMED BADRA

Младите од генерацијата Џен Зи денес се пообразовани од која било претходна генерација, но сè потешко наоѓаат сигурна работа и достапен стан за осамостојување. Ова го покажува најновиот Извештај за состојбата на светското население на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Германската фондација за светско население, претставен во Бон, додека илјадници млади излегоа на протести во 73 градови низ Германија.

Истражувањето на Обединетите нации, насловено „Генерација на иднината: можности и предизвици за младите денес“, опфати 109.000 испитаници во 73 земји. Податоците потврдуваат дека на глобално ниво 78 отсто од младите завршуваат најмалку средно образование, што е историски највисока стапка. Истовремено, несигурните и неформалните облици на вработување растат низ целиот свет, а во Германија сè потешко се наоѓа работа дури и со факултетска диплома.

Економскиот притисок директно ги поместува клучните животни пресвртници. Според наодите во извештајот, младите денес постигнуваат финансиска независност дури во втората половина од дваесеттите години. Стабилните партнерски врски се одложуваат за раните или средните триесетти години, а родителството најчесто настапува во средните или доцните триесетти години од животот.

Незадоволството поради скапите станови во големите градови, несигурната работа и слабата климатска акција по климатската конференција во Анталија во Турција ги изведе младите на улица. На 20 ноември 2026 година, на Меѓународниот ден на правата на детето, припадниците на генерацијата Џен Зи протестираа во 73 градови низ Германија.

Младите учесници реагираат на тоа што политичарите и медиумите зборуваат за нив во трето лице, наместо да разговараат директно со нив, како и на обидите мирните собири да се претстават преку постапките на насилна малцина. Подмладокот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во берлинскиот кварт Мите предложи ангажирање на германската армија Бундесвер против демонстрантите, додека таблоидот „Билд“ го фокусираше известувањето врз можни нереди.

„Младите излегуваат на улица затоа што имаат чувство дека никој не ги слуша. Тоа чувство дополнително се засилува кога медиумите на нивните вистински барања им посветуваат само краток пасус, а остатокот од известувањето го насочуваат кон тоа дека протестите потенцијално би можеле да станат проблематични“, изјави 18-годишниот Ерик Шигиол, доскорешен заменик-генерален секретар на Сојузната конференција на ученици.

Иако младите се најдиректно погодени од долгорочните економски и климатски политики, нивното влијание врз законодавните процеси останува минимално. Според 25-годишниот Флоријан Брод, германски делегат на младите за одржлив развој при Обединетите нации, речиси половина од светското население е помладо од 30 години, но само 2,6 отсто од пратениците во парламентите ширум светот се под таа возрасна граница.


„Како Сојузна конференција на млади често имаме впечаток дека нè канат само поради убава фотографија. Можеби и седиме на преговарачката маса, но обично дури кога предлог-законот веќе поминал седумнаесет ревизии и е непосредно пред завршното гласање во Бундестагот. На крајот младите немаат речиси никаква моќ да сменат што било“, рече Шигиол.

е-Трн да боцка во твојот инбокс