Лавица забележана на периферијата на Истанбул, ја бараат со термални дронови

Полицијата и ветеринарите се обидуваат да ја фатат жива. Општината ги повика жителите на населбата Ускумруќој да останат дома додека трае акцијата.

Жител на Ускумруќој во неделата вечерта забележал лавица во населбата на северниот раб на европскиот дел на Истанбул. Животното подоцна се појавило и на снимки од безбедносни камери. Потрагата е насочена кон шумскиот појас околу населбата.

Од кабинетот на гувернерот на Истанбул соопштија дека ја утврдиле локацијата на лавицата и преземаат мерки да ја фатат жива. Во акцијата учествуваат ветеринари и екипи со термални камери. Претставничката на населбата, Шејда Уст, рече дека животното било лоцирано со дронови.


Сè уште се утврдува од каде дошла лавицата. Градоначалникот на Саријер, Мустафа Октај Аксу, рече дека властите ја разгледуваат можноста животното да го чувало приватно лице.

е-Трн да боцка во твојот инбокс