Франција го казни Shein со 22 милиони евра поради прекршување на правилата за потрошувачи

Франција ја казни платформата Shein со 22 милиони евра поради прекршување на правилата за заштита на потрошувачите, недостиг на транспарентност и спорни деловни практики.

Франција ја казни платформата за брза мода Shein со 22 милиони евра поради прекршување на правилата за заштита на потрошувачите, соопшти францускиот министер за трговија Серж Папен.

Според француските власти, биле утврдени пропусти поврзани со правото на потрошувачите да се откажат од купување, доставувањето задолжителни информации до купувачите, следливоста на производите, роковите за испорака и еколошките тврдења на платформата.

Папен на социјалната мрежа X напиша дека телото за сузбивање измами санкционира „сериозни повреди на законот“. Тој особено го посочи недостигот на транспарентност во однос на влијанието на производите врз животната средина.

„Овде не казнуваме грешки, туку цел систем“, порача францускиот министер, алудирајќи на деловни практики кои, според него, ги заобиколуваат правилата за заштита на потрошувачите.

Папен изрази загриженост и поради нелојалната конкуренција, оценувајќи дека ваквиот начин на работа ги става во неповолна положба трговците што ги почитуваат правилата. Тој најави дека француските власти ќе продолжат да ги надгледуваат ваквите платформи сè додека не ги променат своите практики или не го напуштат францускиот пазар.

Од Shein реагираа дека „остро не се согласуваат“ со санкцијата, оценувајќи ја како „очигледно непропорционална и дискриминаторска“. Компанијата тврди дека не е утврдена никаква штета за потрошувачите и дека нема информации за поплаки од купувачи поврзани со наведените проблеми.

Француската Главна управа за конкуренција, потрошувачки прашања и борба против измами соопшти дека санкциите се однесуваат на повеќе прекршувања, меѓу кои следливост на производите, еколошки тврдења, права за откажување од купување и рокови за испорака.

Со оваа казна, вкупниот износ на санкции изречени против Shein во Франција надминува 210 милиони евра.

Shein во Франција веќе беше казнет во јули минатата година со 40 милиони евра. Минатата недела и Европската комисија изрече казна од 200 милиони евра за кинеската платформа за е-трговија Temu.

е-Трн да боцка во твојот инбокс