Два тешки случаи на сексуална злоупотреба на малолетни девојчиња ја потресоа македонската јавност изминатиот викенд. Во првиот случај, 58-годишник од Скопје на 15 април силувал и фотографирал 13-годишна девојка. СВР Скопје поднесе кривична пријава против осомничениот за кривично дело „силување на дете кое не наполнило 15 години”, казниво по Кривичниот законик на РСМ.
Вториот случај го открило Обвинителството и се однесува на 28-годишник вработен во основно училиште во Гостивар, кој манипулирал со 14-годишничка преку социјалните мрежи. Осомничениот го наговорил детето да му испрати сексуално експлицитни фотографии и видеа, а потоа ја уценувал со нивно објавување доколку одбие да излезе со него. Девојчето прифатила средба, по што осомничениот ја однел во куќа во гостиварско каде ја силувал. Кога овој месец таа го одбила новиот обид за уцена, тој ги објавил материјалите на социјална мрежа. За силувањето е предвидена затворска казна од најмалку 8 години, а за објавување на експлицитните содржини – од 3 до 10 години затвор според законот воведен во февруари оваа година.
Родителите и стручната јавност алармираат за растечкиот тренд на сексуално вознемирување на малолетници преку интернет, нагласувајќи дека станува збор за сериозна форма на насилство која тешко се детектира. Се повикуваат вработените во образовните институции на поголема будност, навремено препознавање и пријавување на вакви случаи, како и на засилена превентивна улога.