Водата често ја забележуваме дури кога ќе ја нема. Кога ќе пресуши изворот, ќе се намали нивото на реката, ќе дојде до поплава или кога ќе се појави сомнеж дека водата за пиење е загадена. Но зад секоја сигурна водоснабдителна мрежа, секоја проценка за суша или поплава и секоја одлука за користење на водните ресурси стои нешто што јавноста ретко го гледа, а тоа е систематскиот мониторинг.
На 18 септември се одбележува Светскиот ден на мониторингот на водите, иницијатива воспоставена за да ја зголеми јавната свест и вклученоста во следењето и заштитата на водните ресурси. Денот потсетува дека мониторингот не е само работа на институциите и експертите, туку и начин граѓаните подобро да ја разберат состојбата на водите околу нив.
Оваа година пораката е особено важна во време кога водата е под сè поголем притисок од климатските промени, загадувањето, прекумерното користење и слабата инфраструктура. Според најновите податоци на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, во 2024 година околу 2,1 милијарда луѓе во светот сè уште немале пристап до безбедно управувана вода за пиење, додека 3,4 милијарди немале безбедно управувана санитација.
На оваа тема зборувавме со раководителот на Секторот за хидрологија во Управата за хидрометеоролошки работи, Васко Стојов.

Водата ја одредувала историјата на цивилизациите
„Секое општество во светот зависи од водата. Тоа е општо познато како што зависеле општествата во минатото, така зависат и денес, а ќе зависат и во иднина. Сите цивилизации напредувале благодарение на водите и на познавањето на водите. Ако се навратиме наназад, првите населби биле покрај водите – покрај бари, езера и реки. Луѓето се врзувале со водата за водоснабдување, подготовка на храна, лов и риболов. Како што постепено ги запознавале законитостите на водите, почнале да градат брани, тунели и канали за да ја доведат водата поблиску до своите живеалишта. Уште пред илјадници години луѓето се обидувале да ја контролираат и складираат водата. Римјаните граделе аквадукти, а и на нашите простори постојат остатоци од системи што покажуваат дека и во минатото водата била ресурс за кој морало да се планира и да се грижи“.
Но денес, вели Стојов, проблемот не е само како водата да се донесе до луѓето. Прашањето станува многу посложено: колку вода имаме, каде се наоѓа, каков е нејзиниот квалитет, како се менува нејзината достапност и како да ја зачуваме во услови на климатски промени.
„Во моментов се соочуваме со многу проблеми поврзани со водите. Се случуваат катастрофи, луѓе добиваат заразни болести поврзани со небезбедна вода, а причините се различни од негрижа за водните ресурси, преку недостиг на количества вода, до недостаток на стручност и кадар. Ни недостасуваат луѓе во хидрологијата, хидротехниката, хемијата и биологијата, професии што треба да се грижат и за количината на водата и за нејзиниот квалитет и заштита.“

Без мониторинг не знаеме колку вода навистина имаме
Токму затоа, според Стојов, мониторингот не е административна процедура, туку основа за планирање.
„Мониторингот на водите е од исклучителна важност затоа што треба да знаеме каде и колку вода имаме. Во нашата земја сè уште имаме проблем со дефинирањето на количините на вода и затоа мора континуирано да ги следиме состојбите.
Не можеме да планираме водоснабдување, наводнување, инфраструктура или заштита од поплави ако немаме податоци. Податоците ни кажуваат колкави се водостоите, колкави се протеците, како се менуваат подземните води и каде има ризик од недостиг или вишок на вода.“
Во системот што го следи Управата за хидрометеоролошки работи се опфатени и површинските и подземните води. Се следат реките, езерата, изворите и водоносните слоеви, а мерењата се вршат преку хидролошки станици, автоматски инструменти, лимниграфи и теренски мерења.
„За површинските води се следи нивото на водата. Преку хидрометриските мерења се добиваат информации за протекот, а на одредени станици се мери и температурата на водата. Секое утро нашите набљудувачи излегуваат на терен, ги запишуваат нивоата на површинските води на водотеците и езерата и потоа ги испраќаат податоците до Управата.
Имаме и автоматски станици и лимниграфи, кои овозможуваат континуирано следење. Така не се потпираме само на едно мерење во денот, туку можеме да го следиме движењето на водата и промените во реално време.“

Околу 80 отсто од водата за водоснабдување доаѓа од подземни води
Еден од најважните делови на системот е мониторингот на подземните води. Според Стојов, нивното значење за водоснабдувањето во Македонија е огромно.
„Подземните води се од исклучителна важност за државата затоа што околу 80 проценти од водата за водоснабдување доаѓа од подземните води и извори. Затоа мониторирањето е од суштинска важност. Треба да знаеме колку вода имаме, каде ја имаме и какви се количините што можеме да ги користиме за водоснабдување. Конкретно, Скопје, Прилеп, Македонски Брод и Кичево се снабдуваат со вода за пиење од карстни извори. Тоа се многу квалитетни извори и претставуваат голема придобивка за државата.“
Но токму квалитетот на овие извори, додава тој, не значи дека тие се неограничен ресурс.
„Карстните води се чисти, но се и многу чувствителни. Ако дојде до загадување, особено ако некои агресивни супстанции намерно или ненамерно навлезат во водоносниот систем, може многу брзо да дојде до загадување на водата.
Затоа не е доволно само да кажеме дека имаме квалитетна вода. Мора да знаеме што се случува со неа и мора да ја следиме.“
170 мерни станици за следење на водните ресурси
Во моментов, преку проектот за мониторинг на подземните води, се следат водните ресурси на околу 170 станици 80 за површински и 90 за подземни води.
„Мониторингот на површинските води на 80 станици вклучува хидрометриски мерења на терен, додека секојдневно се следи водостојот преку нашите набљудувачи, автоматските станици и лимниграфските станици. На тој начин добиваме податоци и за водостојот и за протекот. Кај подземните води, мониторингот се врши на повеќе мерни места и во повеќе полиња и рамници. На дел од станиците сè уште немаме набљудувачи, но во иднина се планира нивниот број да се зголеми.“
Дополнително, со поддршка од Швајцарија се обезбедени автоматски инструменти за мерење на нивото и температурата на подземните води.
„Добивме 14 автоматски инструменти, од кои пет ќе бидат онлајн. Тоа значи дека ќе има можност податоците директно да бидат достапни преку веб-страницата, така што секој заинтересиран ќе може да пристапи и да ги преземе. Ова е многу важно затоа што податоците не треба да останат само во институциите. Колку повеќе податоци имаме и колку тие се подостапни, толку подобро можеме да ја разбереме состојбата со водите.“
Автоматските мерни инструменти ќе бидат поставени на повеќе локации, меѓу кои Скопско, Пелагониско, Прилепско, Битолско, Џаватско Поле, Штипско, Кочанско и Овчеполско.
Од мерењето на реките до заштитата од поплави и суши
Мониторингот, сепак, не служи само за да се знае колку вода тече низ една река.
„Сите овие податоци се неопходни за димензионирање на хидротехнички објекти, за стратешки студии, за водостопански планови и за планови за управување со речните сливови, како што е сливот на реката Вардар. Тие се користат и за хидролошки основи и елаборати, за изградба на мостови, патишта и други објекти поврзани со водите. Без податоци не можеме правилно да ги димензионираме овие објекти и не можеме да донесуваме сигурни одлуки.“
Особено важна е и улогата на хидролошкиот мониторинг во предупредувањето за поплави и суши.
„Многу важен дел од работата на Управата е алармирањето и предупредувањето за опасности од поплави и суши. Кога имаме маловодие, институциите и земјоделските организации треба навреме да знаат дека може да следи период без доволни количества вода. Тоа е важно и за водоснабдувањето, затоа што општините и водните организации треба навреме да размислуваат за резервни извори и за тоа како да обезбедат вода за пиење.“

Светски проблем што стигна и до нашите води
Проблемите со водата не се ограничени на Македонија. Според најновите податоци на ОН, во 2024 година 74 отсто од светското население користело безбедно управувана вода за пиење, но 2,1 милијарда луѓе сè уште немале таков пристап. Истовремено, 3,4 милијарди луѓе немале безбедно управувана санитација.
Светот се соочува со комбинација од суши, поплави, загадување, прекумерно користење на подземните води, деградација на екосистемите и климатски промени. ОН предупредуваат дека водните системи се под притисок од загадувањето, водниот стрес и слабостите во управувањето, додека само 56 отсто од домашните отпадни води во светот безбедно се третираат.
Затоа, Светскиот ден на мониторингот на водите не е само симболично одбележување. Неговата суштина е едноставна: она што не го мериме, тешко можеме да го заштитиме. Во меѓународните програми поврзани со денот се поттикнува и граѓанското учество во основно следење на локалните водни тела реки, езера, потоци и други водни површини.
Пораката за ова одбележување е „Поголема одговорност и одржливост за секоја капка“ – порака што директно се надоврзува на потребата од подобар мониторинг, повеќе податоци и одговорно управување со ресурсот.
Ни недостигаат хидролози, хидрогеолози, хемичари и биолози
За Стојов, една од најголемите слабости во системот е недостигот на кадар.
„Во минатото многу повеќе се обрнувало внимание на образованието поврзано со водите. Имавме можност за доволно образование на хидролози и хидрогеолози. Денес ситуацијата е поинаква и имаме сериозен недостиг на кадар.
Ако сакаме во иднина да обезбедиме доволни количества вода и безбедна вода за пиење, мора да почнеме од образованието од најмала возраст, па до високото образование. Ни требаат хидролози, хидрогеолози, хемичари, биолози, хидротехничари, но и инженери од информатичката технологија кои ќе работат со современите системи за мониторинг и обработка на податоци.“
Потребни се и современи инструменти, но и луѓе што ќе знаат да ги користат.
„Треба да се обрне внимание на мониторингот, да се обезбедат доволен број инструменти и современи инструменти кои ќе бидат поставени на повеќе места и ќе дадат реална слика за состојбата со водите.
Треба да имаме повеќе хидрометриски инструменти, како акустичниот Доплер, кои овозможуваат брзи и прецизни резултати. Но, паралелно со тоа, мора да најдеме начин да вклучиме сè повеќе луѓе во образованието за хидрологија и хидротехника.“

Младите не гледаат доволна мотивација да останат во институциите
Проблемот, според него, не е само во образованието, туку и во тоа што институциите тешко го задржуваат стручниот кадар.
„Институциите што работат со инженери кои се занимаваат со водите мора финансиски да се подобрат и да ги мотивираат луѓето. Во моментот младите не гледаат доволна мотивација за вработување во институции каде што финансиските услови се релативно ниски.
Ако сакаме да имаме сигурна вода во иднина, мора да инвестираме и во луѓето кои треба да се грижат за неа.“
Општините мора да имаат резервни извори
Еден од проблемите што најдиректно го чувствуваат граѓаните е недостигот на вода во помалите населени места.
„Голем број населби надвор од поголемите градови, малите села и населби, немаат доволни количества вода за пиење. Затоа мора да се обезбедат нови количества и резервни извори.
Тоа се скапи решенија, но секоја општина и државата мора да најдат начин да помогнат во обезбедувањето на вода за пиење. Мониторингот на подземните води овозможува да дознаеме какви количества има во одредени водоносни слоеви и дали издашноста на одреден извор е доволна или треба да бараме алтернативни извори.“
Како пример го посочува Сопиште.
„Во моментот во Општина Сопиште се вршат бушотини на околу сто метри за да се обезбедат доволни количества вода за пиење за населбата Долно Соње. Ваквите проекти треба да се поддржуваат, за да се зголеми капацитетот за водоснабдување не само во големите места, туку и во малите населени места. Тоа е важно и за луѓето да имаат услови да останат и да живеат во помалите места.“
Водата не треба да ја трошиме како да е бесконечна
Покрај институциите, одговорност имаат и граѓаните.
„Луѓето треба да најдат начин да ја штедат водата и да не ја трошат непотребно. Треба да бидеме умерени во користењето на водните ресурси. Во своите дворови, каде што е можно, можат да постават пластични или метални садови за собирање дождовница, која потоа може да се користи за наводнување, полевање и други намени за кои не е потребна вода за пиење.“
Но, штедењето на вода во домаќинствата е само еден дел од пошироката слика.
„Треба да најдеме начин да влијаеме и врз отпадот. Не смееме да ги загадуваме реките и езерата со постојано фрлање различен отпад во водните ресурси. Водата што денес ја загадуваме утре може да ни биде потребна за пиење, за земјоделство или за други потреби.“

„Вардар е крвотокот на Македонија“
Стојов смета дека идното управување со водите мора да вклучува и долгорочно планирање на акумулациите и резервите.
„Многу фактори влијаат врз водните ресурси. Треба внимателно да се размислува и за влијанието на малите хидроцентрали врз водните екосистеми. Од друга страна, треба да размислуваме и за акумулации и брани што ќе овозможат водата да се складира и да се користи тогаш кога е најпотребна. Пример е проектот Чебрен и пошироката идеја за Вардарската Долина. Вардар е крвотокот на Македонија. Потребно е водата од реката да се искористи на начин што ќе обезбеди повеќе намени водоснабдување, наводнување, енергетика, спорт и туризам.“
Според него, суштината е водата што доаѓа во периоди на големи врнежи и поплави да не биде само опасност, туку ресурс што може да се зачува.
„Кога имаме големи поплави и вишок вода, таа вода треба да може да се складира и сочува за периодите кога немаме доволно вода. Тоа е суштината на управувањето со водите – да имаме вода кога ни е потребна, а истовремено да го намалиме ризикот од поплави.“
Водата е и прашање на енергија, храна и иднина
Водата не може да се разгледува изолирано од другите ресурси. Таа е неопходна за земјоделството, производството на енергија, индустријата, екосистемите и секојдневниот живот.
„Гледаме дека многу општества во моментот се соочуваат со голем недостиг на вода, а тоа влијае на сите сегменти – на водоснабдувањето, на земјоделството, на производството на енергија.
Затоа мора сериозно да размислуваме како да обезбедиме квалитетна вода и доволни количества вода, не само за производство на електрична енергија, туку и за водоснабдување, за наводнување и за сите потреби поврзани со водите.“
И токму тука мониторингот станува првата линија на заштита. Бидејќи не може да се управува со нешто што не се познава, ниту да се заштити ресурс за кој нема доволно податоци. Во услови на климатски промени, кога истата територија може во краток период да се соочи и со суша и со поројни поплави, мерењето на водите станува дел од инфраструктурата на безбедноста.
На Светскиот ден на мониторингот на водите, пораката затоа е едноставна: секоја капка мора да се знае, следи и заштити. Не само затоа што водата е ресурс, туку затоа што од неа зависат здравјето, храната, енергијата, природата и иднината на заедниците.