ЕУ најави нови 3,3 милијарди евра за Украина: Парите ќе одат за ракети и дронови

Фон дер Лајен најави нова финансиска поддршка за Киев, додека Брисел подготвува и заеднички одбранбени проекти со Украина


Европската Унија ќе ѝ исплати дополнителни 3,3 милијарди евра на Украина за набавка на ракети и дронови, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Фон дер Лајен порача дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина, во услови на интензивирање на руските воздушни напади врз земјата.

Според неа, новата исплата ќе биде насочена кон набавка на ракети и беспилотни летала, како дел од пошироката европска финансиска и воена поддршка за Украина.

„Русија немилосрдно го гаѓа Киев, обидувајќи се да го оневозможи секојдневниот живот на неговите жители“, порача Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ стои со Украина и нејзините граѓани.

ЕУ веќе финансира системи „Патриот“

Претседателката на Европската комисија посочи и дека минатата недела било одобрено финансирање за системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ преку Заемот за поддршка на Украина. За 2026 и 2027 година преку овој механизам се предвидени вкупно 90 милијарди евра, но Фон дер Лајен оцени дека досегашната поддршка не е доволна.

Покрај директната финансиска помош, Брисел разгледува и нов модел на соработка со украинската одбранбена индустрија. Фон дер Лајен најави дека Европската Унија е подготвена да ги искористи преостанатите средства од програмата SAFE – „Безбедносна акција за Европа“ – за започнување заеднички одбранбени проекти со Украина.

Со тоа би се продлабочила соработката меѓу европската и украинската одбранбена индустрија, во време кога Украина се соочува со продолжени руски воздушни напади и потреба од дополнително зајакнување на воздушната одбрана.


е-Трн да боцка во твојот инбокс