Се предаде водачот на Торцида: 23 навивачи осомничени за нацистички и антисемитски пароли

Претседателот на навивачкиот клуб Торцида, Анте Стипетиќ, познат под прекарот Раба, денеска се предаде во истражниот затвор Билице во Сплит, откако полицијата трагаше по него поради сомневање за учество во навивачка поворка на која се извикувале нацистички и антисемитски пароли.

Како што објави хрватскиот портал „Индекс“, Стипетиќ се предал нешто пред 17 часот, а заедно со него во затворот се пријавил и Денис Шипиќ, кој исто така бил баран од полицијата.

Двајцата се осомничени за учество во навивачката поворка организирана на 15 октомври, пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс, за време на која дел од навивачите извикувале пароли со кои се величел нацизмот и се повикувало на насилство врз Евреите.

Меѓу извикуваните пораки биле и „Аушвиц“ и „Стани, Адолфе“, а се пееле и песни со навредлива содржина за Ана Франк, еврејското девојче кое починало на 15-годишна возраст во нацистички концентрационен логор.

Стипетиќ и Шипиќ не се првите осомничени кои доброволно се предале. Во неделата тоа го направиле и Стипе Лекиќ, еден од поистакнатите припадници на Торцида, и Леонардо Вучак.

На сите четворица истражен судија на Жупанискиот суд во Сплит претходно им одредил едномесечен истражен затвор поради опасност од бегство и повторување на кривичното дело.

Хрватската полиција досега поднела кривични пријави против вкупно 23 лица, осомничени за јавно поттикнување насилство и омраза.

По спорната поворка, полицијата започнала со идентификација на учесниците, а за оние што не биле пронајдени објавила фотографии и распишала потрага.

Случајот повторно го отвора прашањето за екстремизмот на навивачките трибини во Хрватска и користењето на нацистички и антисемитски пораки на спортски собири.


Истрагата продолжува, а кривичната одговорност на осомничените допрва треба да биде утврдена во судска постапка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс