Денес започна шестото издание на Science@FEEIT: Како да се успее како инженер во современа бизнис-средина

Годинешното издание на Science@FEEIT се одржува под темата „Како да се успее како инженер во современа бизнис-средина“ и ги поврзува студентите со академијата и индустријата.

Факултетското студентско собрание при Факултетот за електротехника и информациски технологии денес го отвори шестото издание на меѓународниот студентски научен конгрес Science@FEEIT, кој годинава се одржува под темата „Како да се успее како инженер во современа бизнис-средина“. Оваа година на научниот конгрес свое место добија повеќе од 100 учесници, млади студенти и инжинјери.

Настанот, кој веќе шест години се одржува на ФЕИТ, во последните две изданија доби и меѓународен карактер, со цел да ги поврзе студентите од техничките факултети од Балканот. Традиционално, Science@FEEIT е простор за презентација на научни трудови, предавања и дискусии од областа на технолошките науки, но годинава фокусот се проширува и кон поврзување на студентите со професионалци од бизнис-секторот и индустријата.

Идејата е конгресот да не биде само академски настан, туку и платформа за вмрежување, соработка и директна комуникација меѓу младите инженери, професорите, алумните и компаниите. Компаниите поддржувачи и спонзори ќе бидат директно достапни за студентите, со што се отвора можност за размена на искуства, професионални контакти и подобро разбирање на потребите на современиот технолошки пазар.

Годинешната приказна на Science@FEEIT се гради околу четири клучни точки: науката како основа на инженерската професија, уметноста како простор за креативно размислување, спортот како дисциплина и здрав животен стил, и бизнисот како поле каде овие вештини се спојуваат во профилот на успешен инженер и претприемач.

ФЕИТ е една од водечките институции во областа на електротехниката и информациските технологии во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни