Сараево е најдобрата балканска дестинација за 2026 година, според американски портал

Сараево е на врвот на листата на „Кварц“, пред Котор и Истра. Меѓу осумте препорачани дестинации се најдоа и Охридското Езеро и Националниот парк Маврово, со што Северна Македонија доби две места на листата.

Балканот е еден од најпотценетите региони во Европа, со комбинација од јадрански плажи, планински предели, историски градови и богата гастрономија. Вака американскиот портал „Кварц“ го опишува регионот во својата листа на осум дестинации што вреди да се посетат во 2026 година.

На првото место е Сараево, пред црногорскиот Котор и хрватска Истра. На листата се најдоа и две дестинации од Северна Македонија – Охридското Езеро и Националниот парк Маврово.

Препораката на порталот е патниците да не се обидуваат да го обиколат целиот Балкан во едно патување, туку да изберат две до четири земји и да одвојат доволно време за да ги запознаат.

Сараево – град во кој се среќаваат различни култури

На врвот на листата е Сараево, град што се издвојува по богатата историја, мешањето на културните влијанија и препознатливата атмосфера. „Кварц“ ги издвојува Башчаршија, традиционалното босанско кафе, австроунгарската архитектура, џамиите и синагогите, како и наследството од Зимските олимписки игри во 1984 година.

Наместо брзо разгледување на главните знаменитости, порталот препорачува посетителите да го истражуваат градот пеш, да ја запознаат локалната култура и да уживаат во секојдневниот живот. Како дополнителен предлог се наведува и еднодневен излет до Мостар, оддалечен околу два часа возење.

Котор и Истра – од средновековни улици до врвна гастрономија

Второто место му припадна на Котор во Црна Гора, познат по средновековниот стар град и спектакуларниот Которски Залив. На третата позиција е Истра, која се издвојува по гастрономската понуда. Порталот ги истакнува тартуфите, маслиновото масло и семејните винарии што произведуваат малвазија и теран.

Препорачани се и малите градови на ридовите, камените улички и винските барови. Една од предностите на Истра е тоа што на релативно мала површина може да се истражуваат и крајбрежјето и внатрешноста на полуостровот, што ја прави погодна за патување со автомобил.

Охридското Езеро и Маврово меѓу осумте најдобри дестинации

Охридското Езеро е на четвртото место на листата. Препораката го става во друштво на познати балкански туристички дестинации, благодарение на природните убавини и културното наследство на регионот.

На шестото место е Националниот парк Маврово, уште една дестинација од Северна Македонија. Неговото присуство на листата го надополнува изборот со планински предели и можности за престој во природа.

Меѓу овие две дестинации, на петтото место се најде Албанската ривиера, позната по тиркизното море и живописните крајбрежни населби.

Приштина и Брач за поинакво балканско искуство

Седмата позиција ја зазема Приштина, која „Кварц“ ја опишува како еден од најпотценетите главни градови во Европа.

На осмото место е хрватскиот остров Брач, со посебен акцент на плажата Златни Рат. Нејзиниот препознатлив облик се менува под влијание на ветрот и морските струи.

Брач е препорачан за патниците што сакаат да ги истражуваат далматинските острови и да уживаат во порелаксирана атмосфера. За разлика од Хвар, познат по ноќниот живот, Брач нуди помирно искуство, а близината до Сплит го олеснува вклучувањето на островот во пошироко патување низ Далмација.

Балканот е повеќе од сонце и море

Изборот на „Кварц“ покажува колку различни искуства може да понуди Балканот на релативно мала географска површина – од историски градови и културно наследство до планини, острови и локална гастрономија.


За Македонија, присуството на Охридското Езеро и Маврово на листата е можност да се истакне и туристичката понуда надвор од летната сезона, особено за патниците што бараат природа, култура и поинакво искуство од класичниот одмор на плажа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс