Спотифај отстрани 50 милиони песни генерирани со вештачка интелигенција

Платформата се обидува да го спречи ширењето на несакана содржина и злоупотребите со вештачка интелигенција. Од почетокот на годината отстранила и повеќе од 75 милиони песни поради сериозни или повторени прекршувања на правилата.

Шведската музичка стриминг-платформа Спотифај отстранила 50 милиони песни генерирани со вештачка интелигенција од својот систем за препораки во текот на оваа година. Компанијата презема мерки за да го ограничи ширењето несакана содржина и злоупотребите поврзани со брзиот развој на технологијата за вештачка интелигенција.

Спотифај ја објави информацијата на својот блог „Фор д рекорд“ (For the Record), наведувајќи дека, покрај песните отстранети од системот за препораки, целосно избришала и повеќе од 75 милиони песни поради сериозни или повторени прекршувања на правилата на платформата.

„Оваа работа сè уште не е завршена. Вештачката интелигенција брзо се развива, а оние што ја злоупотребуваат исто толку брзо ги приспособуваат своите методи“, наведуваат претставници на компанијата.

Од Спотифај веруваат дека со понатамошниот развој на вештачката интелигенција и сè полесното создавање музика, слушателите уште повеќе ќе ја ценат човечката креативност.


Растот на бројот на песни создадени со помош на вештачка интелигенција отвора нови предизвици за музичките платформи, кои треба да направат разлика меѓу легитимната употреба на технологијата и содржината што ги прекршува нивните правила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс