Сандерс бара 32-часовна работна недела без кратење на платите

Американскиот сенатор иницира закон со кој придобивките од вештачката интелигенција и растот на продуктивноста ќе им припаднат на работниците.
Фото: Anderseidesvik, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Американскиот сенатор Берни Сандерс и конгресменот Марк Такано поднесоа законски предлог во Конгресот на САД за воведување 32-часовна работна недела без кратење на платите. Законот предвидува четиридневен работен модел со задржување на постојните примања и бенефиции за вработените. Сандерс порача дека технолошкиот напредок и автоматизацијата мора да послужат за раст на животниот стандард на работничката класа, а не исклучиво за профит на крупниот капитал.

Според пресметките на предлагачите, продуктивноста на американските работници денес е за 400 проценти повисока во однос на четириесеттите години од минатиот век. Сепак, тој раст не донесе пропорционално зголемување на слободното време или реалните приходи за мнозинството граѓани.

„Економските придобивки од вештачката интелигенција и автоматизацијата треба да ги почувствуваат работниците и нивните семејства, а не само мала група директори и милијардери“, изјави Сандерс при претставувањето на законското решение.

Конгресменот Такано потсети дека сегашната норма од 40 работни часа неделно е воспоставена со Законот за праведни работни стандарди уште во 1940 година. Тој нагласи дека речиси девет децении подоцна технологијата го трансформираше процесот на работа, што наложува итна правна реформа на работните односи.

Официјалните статистики во САД покажуваат дека речиси 40 отсто од вработените работат најмалку 50 часа неделно, додека 28,5 милиони луѓе работат 60 или повеќе часа. Просечниот ангажман на работник со полно работно време надминува 42 часа неделно, а преку 8,5 милиони граѓани мораат да комбинираат две или повеќе работни места за да ги покријат основните трошоци за живот.

Истражувањата на Американското психолошко здружение покажуваат дека околу 80 проценти од работниците веруваат дека со четиридневен модел би биле поефикасни и помалку изложени на стрес и прегорување.

Иницијативите за 32-часовна недела добиваат сè поголема поддршка во западните економии преку пилот-проекти во Британија, Белгија и Германија, но во Македонија стандардот останува закован на законскиот максимум од 40 часа.

За разлика од САД каде дебатата се води околу распределбата на ефектите од вештачката интелигенција, домашното стопанство се соочува со стагнантна продуктивност, масовен одлив на работна сила и институционално толерирање на неплатена прекувремена работа. Секоја дебата за скратување на работните часови во земјава наидува на отпор кај деловните здруженија, иако регионалните демографски движења покажуваат дека токму крутите работни услови и ниските плати го забрзуваат иселувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс