Претставниците на партијата Левица (Die Linke) во градските совети на Франкфурт и Штутгарт побараа итно откажување на најавените концерти на Марко Перковиќ Томпсон во ноември. Како аргументи против хрватскиот пејач, германските советници посочуваат етнонационалистичка пропаганда, историски ревизионизам и извикување на усташкиот поздрав на неговиот неодамнешен настап во Вуковар.
Концертот на Томпсон закажан за 13 ноември во франкфуртската сала „Јахрхундертхале“ веќе одамна е распродаден. Билетите за настапот на 7 ноември во „Порше-Арена“ во Штутгарт, сала со капацитет од околу 7.500 места, се распродадоа за помалку од три часа. Овие настапи веднаш предизвикаа остри критики во германските медиуми и отворен револт кај левичарските партии во двата града.
Од Левицата во Штутгарт соопштија дека просторот што се финансира од парите на даночните обврзници не смее да служи за релативизација на фашизмот. Советниците посочија дека настапите на Томпсон не претставуваат безопасни културни манифестации, туку политички настани на кои отворено се шири етнонационализам. Политичарите во Франкфурт, исто така, потсетија дека неговите поранешни обиди за настап во градот веќе беа блокирани поради слични безбедносни и политички причини.
Како клучна причина за барањето се наведува неговиот последен концерт во Вуковар, каде што од бината повторно одекна спорниот поздрав „За дом спремни“, додека дронови на небото го испишуваа амблемот на ХОС. Германските советници нагласуваат дека ваквите пораки се во директна спротивност со демократските вредности и законите против ширење екстремизам во Германија.