Јужнокорејската технолошка компанија „Самсунг“ ги претстави новите паметни телефони „Галакси С25“, „С25+“ и „С25 ултра“, поставувајќи нов стандард за уредите како вистински придружници со вештачка интелигенција и со, како што се тврди, најприродното и најконтекстуалното мобилно искуство досега.
Со воведувањето мултимодални ВИ-агенти серијата „С-25“ го претставува првиот чекор во визијата да се трансформира начинот на којшто корисниците комуницираат со телефон и со светот. За тоа ќе помогнат најновите чипови „Снепдрагон 8 елит“ што обезбедуваат поголема моќ на процесирање на уредот и контрола на камерата од генерацијата на „Провижуал енџин“.
„Најдобрите иновации се одраз на нивните корисници, поради што развивме „Галакси ВИ“ за да им помогнеме на сите луѓе да ги користат своите уреди на поприроден и поедноставен начин, истовремено осигурувајќи ја нивната приватност безбедна. Серијата „Галакси С-25“ ја отвора вратата за ВИ-интегриран оперативен систем кој суштински го менува начинот на кој ние што ја користиме технологијата, и живееме“, рече Т.М. Рох, претседател и раководител на одделот за мобилна технологија во „Самсунг“.
Благодарение на новата верзија на функцијата „Сркл ту срч“ на „Гугл“, пребарувањето на екранот на телефонот е побрзо и поконтекстуално. Оваа функција сега побрзо ги препознава телефонските броеви, е-поштата и УРЛ-адресите на екранот, овозможувајќи повик или пребарување локации со еден допир. Има лични новости и околу галеријата слики, календарот, како и со алатките за цртање и пишување.