Пушењето цигари да биде дозволено само во приватни клубови, каде што пристап имаат исклучиво регистрирани членови кои плаќаат членарина – ова е предлогот содржан во поднесениот амандман на Законот за заштита од пушењето, кој е во собраниска процедура.
Според дефиницијата во амандманот, приватен клуб е „правно лице регистрирано согласно закон, кое користи затворен простор со ограничен пристап, наменет исклучиво за регистрирани членови кои доброволно членуваат и плаќаат членарина и кој не е достапен за пошироката јавност“.
Министерот за здравство во заминување, Азир Алиу, очекува законот да биде усвоен во следните две недели и потоа да стапи во сила. Сепак, експертската група која го подготвувала законот не го поддржува овој амандман. Според нив, дозволувањето пушење во приватни клубови нема да придонесе за намалување на пушењето и нема да има доволен ефект врз превенцијата, особено кај младите.
Со новите законски измени, доколку бидат усвоени, ќе биде забрането пушењето на класични и електронски цигари во повеќе јавни простори – државни институции, компании, образовни установи, автобуски станици и постојки, пазари и други места со поголема фреквенција на луѓе.
Забраната ќе важи и за пушење во автомобили кога во возилото има малолетно дете. Предвидените казни се од 100 до 300 евра за физички лица, додека за правни лица глобите ќе се движат од 2.000 до 5.000 евра. За угостителските објекти е предвиден преоден период од една година за приспособување на терасите, кои ќе мора да бидат отворени најмалку од две страни за да се сметаат за дозволен простор за пушење.