Самитот на НАТО под притисок: Зголемените воени трошоци го оптоваруваат европскиот буџет

На самитот на НАТО во Анкара, Марк Руте бара исполнување на ветувањата за повисоки воени издвојувања, додека дел од европските земји се соочуваат со буџетски предизвици.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на денешниот и утрешниот самит на Алијансата во Анкара ќе инсистира земјите-членки да го исполнат договорот за зголемување на издвојувањата за одбрана. Според анализата на „Ројтерс“, напредокот е различен меѓу државите, а зголемените воени трошоци веќе создаваат притисок врз националните буџети.

Минатата година, под силен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, сите 32 членки на НАТО се согласија до 2035 година да издвојуваат пет проценти од својот бруто домашен производ за одбраната. Целта предвидува 3,5 проценти за основни воени потреби и дополнителни 1,5 проценти за безбедносни инвестиции.

Во меѓувреме се издвојуваат две групи земји. Германија, Полска, Литванија, Естонија и повеќе нордиски држави веќе обезбедуваат средства за исполнување на новите обврски. Германија планира до 2030 година да ги зголеми воените расходи на повеќе од 200 милијарди евра, додека Полска веќе издвојува над четири проценти од БДП за одбраната.

Од друга страна, Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија се соочуваат со буџетски и политички ограничувања. Лондон најави дополнителни 15 милијарди фунти за одбраната, но дел од средствата сè уште не се обезбедени. Франција и Италија најавуваат постепено зголемување на трошоците, додека Шпанија останува на ставот дека нема да издвојува повеќе од 2,1 процент од БДП.

НАТО соопшти дека европските членки и Канада минатата година вложиле дополнителни 90 милијарди долари во одбраната во споредба со 2024 година. Сепак, Алијансата побара од Чешка, Словенија и Албанија повторно да ги достават податоците за своите воени трошоци, бидејќи постојат сомнежи дека не ја достигнале претходната цел од два проценти од БДП.

Аналитичарите предупредуваат дека европската одбранбена индустрија останува претпазлива. Производителите на оружје сакаат гаранции дека високите воени буџети ќе се задржат и по евентуални политички промени, пред да инвестираат во проширување на производствените капацитети.

е-Трн да боцка во твојот инбокс