Едно лице почина, а 207 се заразени со салмонела во Велика Британија во епидемија за која здравствените власти веруваат дека е поврзана со храна подготвена од увозни јајца. Британската агенција за здравствена сигурност (UKHSA) соопшти дека повеќе од третина од регистрираните пациенти морале да бидат хоспитализирани. Британските власти веќе соработуваат со Агенцијата за стандарди за храна за целосно лоцирање на изворот на заразата.
Истрагата започна во мај годинава, откако епидемиолозите забележаа необичен скок на случаи на салмонела предизвикани од еден специфичен сој. Преку методот на секвенционирање на целиот геном, анализите потврдија дека 207 лица се заразиле во периодот од 11 август 2025 до 1 август 2026 година, при што дури 206 случаи се пријавени во текот на оваа година. Сите примероци припаѓаат на ист генетски кластер, што потврдува дека заразата потекнува од еден заедчки извор.
Според официјалните податоци, најголем дел од случаите, вкупно 199, се евидентирани во Англија, со најголема концентрација во Лондон и регионот Јоркшир. Меѓу инфицираните има лица од сите возрасти, почнувајќи од бебиња до 90-годишни лица. Здравствените власти предупредуваат дека кај двајца пациенти се развил тежок облик на труење на крвта (сепса), иако најголемиот дел од луѓето ја прележуваат бактеријата без потреба од задолжително болничко лекување.
Британската агенција за здравствена сигурност и Агенцијата за стандарди за храна ја продолжија истрагата за да ја утврдат точната фарма или земја од каде што се увезени контаминираните јајца. Властите упатија апел до граѓаните и угостителските објекти за задолжително темелно термичко подготвување на производите од јајца и одржување високи хигиенски стандарди во кујните, додека траат деталните лабораториски проверки.