Сајбер измами на Светското првенство: Илјадници лажни ФИФА-страници ги таргетираат навивачите

Сајбер-криминалците ја користат еуфоријата околу Светското првенство 2026 за измами со лажни билети, туристички аранжмани, стриминг-сервиси и профили на социјалните мрежи. Еве како да се заштитите.

Додека милиони љубители на фудбалот со нетрпение го очекуваат почетокот на Светското првенство 2026, сајбер-криминалците веќе ја користат еуфоријата околу турнирот за да измамат навивачи ширум светот. Експертите за сајбер-безбедност предупредуваат на илјадници лажни веб-страници, профили на социјалните мрежи, измамнички понуди за билети, патувања и сместување, како и фишинг-кампањи кои имаат за цел кражба на лични и финансиски податоци.

Според компанијата „Fortinet“, од јануари до мај биле регистрирани повеќе од 13.000 веб-страници поврзани со Светското првенство. Анализите покажале дека околу осум проценти од нив биле означени како сомнителни или директно злонамерни.

Најчеста цел на измамниците се навивачите кои бараат информации за натпреварите, билети или официјални сувенири. Лажните страници често визуелно наликуваат на официјалните платформи на ФИФА и ги наведуваат корисниците да внесат податоци од платежни картички, лични информации или кориснички лозинки.

Дополнителен ризик претставуваат и лажните туристички аранжмани што се рекламираат преку социјални мрежи и апликации за пораки. Во некои случаи, на корисниците им се нудат пакети што вклучуваат билети, хотелско сместување и превоз, по што тие се пренасочуваат кон лажни страници за плаќање и добиваат невалидни фактури.

Измамите не завршуваат тука. Според истражувањата, биле откриени и повеќе од 1.700 лажни профили на Facebook и Instagram кои злоупотребуваат визуелен идентитет и брендирање поврзано со Светското првенство.

Сајбер-криминалците користат и лажни огласи за работа на платформи како LinkedIn, нудејќи наводни ангажмани во организацијата на турнирот, угостителството, логистиката или медиумите. Кандидатите често се насочуваат кон фалсификувани формулари и фишинг-страници преку кои се крадат лични податоци.

Особено популарни се и измамите со лажни стриминг-сервиси. Непосредно пред почетокот на натпреварите, на социјалните мрежи се појавуваат линкови што ветуваат бесплатен пренос во живо. Наместо натпревар, корисниците добиваат барање да внесат лични податоци или да инсталираат сомнителен софтвер.

Како да се заштитите?

Експертите препорачуваат внимателно проверување на интернет-адресите и е-поштата поврзани со Светското првенство, купување билети и аранжмани само преку официјални канали и користење кредитни картички при онлајн плаќања поради подобрата заштита од измами.

Исто така, корисниците треба да бидат внимателни кон понуди што создаваат чувство на итност или ограничена достапност, бидејќи токму тоа е една од најчестите техники што ги користат измамниците за да извршат притисок врз потенцијалните жртви.

Со приближувањето на стартот на Светското првенство, властите во САД и Канада веќе издадоа предупредувања до посетителите да бидат особено внимателни при купување билети, резервација на патувања и користење онлајн услуги поврзани со турнирот.


е-Трн да боцка во твојот инбокс