САД поништија над 300.000 визи од враќањето на Доналд Трамп

Вашингтон ја засилува контролата врз странските државјани, додека Стејт департментот најавува дополнителни проверки.

Соединетите Американски Држави поништија над 300.000 визи од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Информацијата ја потврди високата функционерка во американскиот Стејт департмент, Мора Намдар, посочувајќи дека мерката директно ги таргетира странските државјани кои ги прекршиле прописите или се оценети како безбедносен ризик. Рестриктивниот бран испраќа остар сигнал за меѓународните патувања и престојот на странците на американско тло.

Помошничката на државниот секретар за конзуларни работи, Мора Намдар, преку социјалната мрежа Икс порача дека процесот продолжува без забавување.

„Поништени се повеќе од 300.000 визи, а таа бројка постојано расте. Пораката до имателите на визи е едноставна: почитувајте ги нашите закони или ќе ја изгубите привилегијата да патувате во Соединетите Американски Држави“, изјави Намдар.

Таа додаде дека под раководство на претседателот Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио, заштитата на земјата и американските граѓани останува врвен приоритет на администрацијата. Намдар се повика и на официјален став од Белата куќа во кој се тврди дека оваа администрација укинала рекорден број визи за најкраток временски рок во американската историја.

Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, дополнително ги образложи основите врз кои се носат овие конзуларни решенија. Според него, ревизијата и укинувањето се насочени кон лица вмешани во противправни дејствија или прашања поврзани со националната безбедност.

„Имаме нулта толеранција кон странските државјани кои престојуваат тука врз основа на виза, а го кршат законот, прават измама или ја загрозуваат нашата национална безбедност“, соопшти Пигот.


Ваквите мерки доаѓаат во период кога Вашингтон врши целосна ревизија на имиграциските текови, што вклучува построга контрола на студентските размени, работните дозволи и туристичките патувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс