САД одобри продажба на опрема за украинските Ф-16 во вредност од 622 милиони долари

Белгија, Данска, Холандија и Норвешка ќе ја финансираат набавката преку меѓународна програма за воена поддршка на Украина. Пакетот треба да помогне во одржувањето на борбените авиони и зајакнувањето на украинската воздушна одбрана
Фото: slezo, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Американскиот Стејт департмент вчера одобри можна продажба на опрема и услуги за одржување на украинските борбени авиони Ф-16, во вредност од 621,9 милиони долари. Набавката ќе ја финансираат четири европски држави, без користење американски буџетски средства, објави агенцијата „Анадолу“.

Средствата ќе ги обезбедат Белгија, Данска, Холандија и Норвешка преку меѓународната програма „Џампстарт“ (JUMPSTART), наменета за набавка на воена опрема и услуги за Украина. Пакетот опфаќа пиротехнички уреди што се користат во авионските системи, лабораториска опрема и логистичка поддршка за транспорт. Опремата и услугите ќе бидат додадени на веќе постоечки договор, чија вредност била под прагот за задолжително известување на американскиот Конгрес.

САД: Ќе ја зајакнеме украинската воздушна одбрана

Американскиот Стејт департмент соопшти дека предложената продажба ќе ѝ помогне на Украина подобро да се справува со сегашните и идните закани и да ги зајакне своите капацитети за воздушна одбрана. Компаниите што ќе ја испорачаат опремата и ќе ги обезбедуваат услугите ќе бидат избрани преку тендери што ќе ги спроведе американската влада. За реализација на договорот нема да биде потребно испраќање дополнителни претставници на американската влада или вработени кај изведувачите во Украина.

Станува збор за одобрение за можна продажба, а не за веќе склучен договор.

Проблеми со одржувањето на украинските Ф-16

Одлуката доаѓа во период кога Украина се соочува со тешкотии во одржувањето на своите борбени авиони Ф-16. Како што пренесува АФП, „Волстрит џурнал“ на почетокот на октомври објави дека поради доцнење во сервисирањето и недостиг од резервни делови повеќе од половина од украинските Ф-16 биле приземјени. Според истиот извештај, проблемите до крајот на годината би можеле да ги опфатат сите украински авиони од американско производство. Украинските претставници ги отфрлија тврдењата за сериозни проблеми со достапноста на авионите, но признаа дека одредени делови за Ф-16 веќе не се произведуваат и дека сè потешко се набавуваат.


По почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, Украина од западните сојузници побара модерни борбени авиони. Првите Ф-16 ги доби две години подоцна, а денес ги користи, меѓу другото, за одбрана од руските воздушни напади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс