Иранската војска најави разорен одговор на секоја нова закана од САД, откако Вашингтон најави воведување на најстроги финансиски санкции досега со цел пад на раководството во Техеран. Американскиот министер за финансии Скот Бесент соопшти дека во понеделник ќе ги објави деталите за казнените мерки насочени кон сите држави што економски соработуваат со Иран, додека воениот конфликт кој трае речиси шест месеци продолжува да ги оптоварува светските енергетски пазари.
Началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал-мајор Али Абдолахи, изјави дека иранската реакција ќе биде широка и решителна на сите фронтови.
„Со подготвеност на копно, море, воздух, противвоздушна одбрана и сајбер простор, вооружените сили на Иран ќе одговорат на новите закани на непријателот со казниви и разорни одговори“, пренесоа иранските медиуми.
Иако американските напади во изминатите шест месеци сериозно ја оштетија иранската економија и конвенционалните сили, Техеран сè уште располага со ракетни капацитети и дронови со кои го попречува сообраќајот на танкери во Ормускиот Теснец.
Претседателот Доналд Трамп засега не ги постигна зацртаните цели од почетокот на војната, како што се уништување на нуклеарната програма на Иран и уривање на власта во Техеран. Воените дејствија предизвикаа раст на цените на горивата и пад на неговиот рејтинг на најниско ниво во овој мандат, според анкетата на Ројтерс и Ипсос.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Бакер Калибаф, за време на посетата на Ирак призна дека земјата се соочува со сериозни економски потешкотии по децениите меѓународни санкции.
„Колку и да имаме воена моќ, нема да опстанеме ако луѓето се гладни и ако немаме финансиски промет, економски раст и домашно производство“, рече Калибаф пред ирански и ирачки стопанственици.
Цените на суровата нафта на светските берзи пораснаа веднаш по најавата на Вашингтон за казнување на трговските партнери на Техеран. Американскиот министер Бесент изјави за Си-ен-би-си дека целта е целосен економски колапс на иранскиот режим, повикувајќи го Пекинг да се приклучи на мерките бидејќи половина од својата енергија ја обезбедува од Заливот.
Според податоците на аналитичката компанија Кплер за 2025 година, Кина купува повеќе од 80 отсто од иранската извезена нафта. Од кинеската амбасада во Вашингтон соопштија дека притисоците не го решаваат проблемот и повикаа на дипломатски дијалог.
Паралелно со економските притисоци, врховниот командант на силите на НАТО, генералот Алексус Гринкевич, одржа состанок со шефовите на одбраната на сојузничките земји за овозможување на слободна пловидба низ Ормускиот Теснец, каде што пред почетокот на војната минуваше една петтина од вкупната светска нафта.