Повеќе од 15 пожари на отворен простор се активни низ државата, а четири поголеми жаришта бараат сериозен ангажман на терен, соопштија надлежните институции. Најсложена останува ситуацијата над кумановското село Никуштак во Општина Липково, каде што огнената стихија се разви во два крака, од кои едниот се движи директно кон манастирот „Света Богородица“ над Матејче.
Пожарот што изби вчера на пладне кај последните куќи во Никуштак денеска повторно се разгоре под влијание на силниот ветер. Огнената линија се разграни во две насоки: еден крак се шири нагоре кон манастирот над селото Матејче, а вториот крак се враќа назад кон Никуштак.
На терен интервенираат педесетина луѓе, меѓу кои тимови од ЈП „Национални шуми“ предводени од заменик-директорот Кире Михаилов, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и кумановската противпожарна единица, заедно со локални жители. За заштита на првите селски куќи, кои се на стотина метри од огнот, донесен е и специјален БТР со шест тони вода.
Во мариовскиот регион, на територијата на општините Прилеп и Битола, пожарникарите и доброволните тимови воспоставија делумна контрола. По ноќната акција на тежок планински терен, претходниот фронт од над 20 километри е сведен на линија од еден до два километра кај селото Крушевица.
Околу Крушевица се изведени противпожарни пресеци и дежураат четири екипи со специјални возила на ДЗС со доброволци од Битола, Кочани и Виница. Вториот активен крак се движи кон селото Бонче, но според надлежните, населеното место не е загрозено поради концентрираните сили.
Кај селото Драговдол во Општина Македонски Брод пожарот е значително намален, но непристапниот терен оневозможува дејство од воздух или пешадиски пристап на одредени точки. Таму дејствува модул од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на ДЗС како поддршка на локалната единица.
Во Општина Студеничани, на потегот кон Китка, три ертрактори во два налета исфрлија 20 тони вода врз остатоците од огнот во непристапен дол. Активноста таму е сведена на една изолирана точка, додека од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните веднаш да направат безбедносни земјени појаси околу куќите и имотите за да се спречи ширење од искри.