Сè повеќе жени во 30-тите и 40-тите години заболуваат од херпес зостер – лекарите предупредуваат на загрижувачки тренд

Херпес зостер настанува кога повторно се активира вирусот на варичела (овчи сипаници), кој останува „заспан“ во организмот со години

Болеста херпес зостер, која долго време се сметаше за заболување карактеристично за постарите лица, сè почесто ги погодува жените во нивните 30-ти и 40-ти години. Лекарите предупредуваат дека станува збор за загрижувачки тренд, а како можни причини се посочуваат хроничниот стрес, современиот начин на живот и одредени здравствени состојби што го ослабуваат имунитетот.

Херпес зостер настанува кога повторно се активира вирусот на варичела (овчи сипаници), кој останува „заспан“ во организмот со години по прележувањето на болеста. Кога имунолошкиот систем е ослабен, вирусот може повторно да се активира и да предизвика силна болка, пецкање и карактеристичен осип со плускавци, најчесто на едната страна од телото или лицето.

Истражувањата покажуваат дека бројот на случаи кај лицата на возраст од 30 до 49 години е повеќе од двојно зголемен во споредба со крајот на 1990-тите. Иако причините сè уште не се целосно разјаснети, експертите сметаат дека хроничниот стрес, депресијата, дијабетесот, астмата, автоимуните заболувања и употребата на имуносупресивни терапии можат да го зголемат ризикот од појава на болеста.

Неколку жени кои зборувале за британскиот весник The Guardian опишуваат дека првите симптоми ги игнорирале или биле погрешно дијагностицирани. Кај некои, болката траела со месеци, а во одредени случаи инфекцијата зафатила и делови околу окото, што може да доведе до сериозни компликации, па дури и оштетување на видот доколку не се лекува навреме.

Лекарите советуваат секој што ќе почувствува необјаснива болка, печење или пецкање на еден дел од телото, проследени со осип, веднаш да побара медицинска помош. Антивирусната терапија е најефикасна ако започне во првите 72 часа од појавата на симптомите, а со тоа значително се намалува ризикот од долготрајни последици, како хронична нервна болка.

Во повеќето земји вакцината против херпес зостер е препорачана за лица над 50 години или за луѓе со сериозно нарушен имунитет. Сепак, поради растечкиот број случаи кај помладите возрасни групи, дел од научната заедница смета дека треба да се разгледа можноста за проширување на препораките за вакцинација и кај помлади лица со зголемен ризик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс