Руте: САД нема да го напуштат НАТО

Руте уверува дека американската нуклеарна заштита за Европа останува стабилна, додека ги повикува европските земји да ја зајакнат одбраната.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги отфрли шпекулациите за можноста САД да се повлечат од Алијансата, изјавувајќи за германскиот весник Die Welt дека не смета оти САД би можеле да го напуштат НАТО.

Тој истакна дека американската нуклеарна заштита за Европа не е доведена во прашање, нагласувајќи дека „нуклеарниот чадор“ на САД останува крајна гаранција за безбедноста на европскиот континент и дека очекува тоа да продолжи и во иднина.

Во последните недели, изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп предизвикаа загриженост дека САД би можеле да ја преиспитаат својата улога во Алијансата. Трамп ја критикуваше, како што рече, недоволната поддршка од партнерите во НАТО во контекст на конфликтот со Иран.

Сепак, евентуално повлекување на САД од НАТО би барало одобрување од американскиот Сенат со двотретинско мнозинство, што се смета за малку веројатно.

Руте минатата недела се сретна со Трамп во Белата куќа, по што изјави дека американскиот претседател бил „очигледно разочаран“ од поддршката што ја добил од сојузниците. Меѓу спорните прашања биле користењето воени бази и мисиите за обезбедување на Ормускиот теснец, при што Трамп повеќепати ги посочил Шпанија, Франција и Обединетото Кралство.

Руте додаде дека ја разбира фрустрацијата на Трамп, но истовремено ја повика Европа да ја зајакне својата одбранбена индустрија, нагласувајќи дека тоа е клучно за одржување на одвраќањето и безбедноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни