Уапсен руски шпион во Романија: Снимал воени бази и украински авиони

Четириесетгодишен руски државјанин со месеци документирал стратешки локации на НАТО за подготовка на саботажи.

Романските безбедносни служби уапсија 40-годишен руски државјанин под сомнение за шпионажа и подготовка на саботажи врз воени објекти. Според романската разузнавачка служба, осомничениот од февруари до јули тајно снимал воено-поморски и воздухопловни бази што ги користат сојузниците на НАТО, вклучително и локации во Букурешт. Тој детално го документирал движењето на воениот персонал и украинските транспортни авиони „Антонов“.

Осомничениот руски државјанин не дејствувал самостојно, туку добивал конкретни задачи од друго лице преку шифрирани апликации за комуникација. Романското обвинителство, кое веќе побара мерка притвор, наведува дека целта на операцијата била собирање стратешки информации наменети за идни саботажи на романска територија.

Инспекторите утврдиле дека мажот со месеци се движел околу стратешки воени пунктови. Негов главен фокус биле базите каде што сојузниците распоредуваат воена помош и логистика. Разузнавачката служба на Романија соопшти дека ја пресекла мрежата во соработка со домашни и меѓународни партнери, спречувајќи оперативен план координиран директно од Москва.

Ова не е изолиран инцидент во Романија. Властите во Букурешт потврдија дека слични обиди за шпионажа и саботажа биле спречени и во текот на 2024 и 2025 година. Европската Унија веќе отворено ги осуди зачестените руски хибридни напади насочени кон земјите членки, додека официјална Москва систематски ја негира каквата било вмешаност.

Паралелно со романската акција, полицијата во соседна Молдавија одреди истражен затвор за 49-годишен маж со потекло од Азербејџан. И тој се товари за неовластено прибирање безбедносни информации во корист на специјалните служби на Руската Федерација, што укажува на координиран разузнавачки притисок врз целиот регион.

е-Трн да боцка во твојот инбокс