Повеќе пожари и натаму се активни низ Србија, а најтешка е ситуацијата во Делиблатски Песоци, каде што огнената стихија зафати повеќе од 3.500 хектари. Како помош во гаснењето, денеска ќе биде ангажиран руски противпожарен авион Иљушин, кој синоќа слета на аеродромот „Константин Велики“ во Ниш.
Авионот на руското Министерство за цивилна заштита, вонредни ситуации и помош при катастрофи може да исфрли до 42 тони вода во еден налет. Во акцијата ќе биде координиран со Хеликоптерската единица на српското Министерство за внатрешни работи.
Пожарот кај Кладово зафати 1.300 хектари
Пожарот меѓу Велика Каменица, Подвршка и Велесница кај Кладово вчера бил локализиран во 18:40 часот, откако зафатил околу 1.300 хектари, соопшти српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ. Силниот ветер, кој во текот на денот го менувал правецот, значително го отежнувал гаснењето. Екипите остануваат на терен за да спречат повторно активирање на жариштата.
Во дел од општина Кладово во текот на денот беше прогласена и вонредна состојба. Пожар има и на падините на Троглав, во близина на Маглич, над Ибарскиот автопат, каде што огнот зафатил околу два хектари шума од црн бор. Во гаснењето се вклучени пожарникари, спасувачи од „Србијашум“, доброволни пожарникари и локални жители, додека булдожери прават противпожарен појас.
Засега нема опасност за блиските домаќинства.
Во Делиблатоска Пешчара, каде што пожарот зафатил најголема површина, во текот на ноќта немало значителни промени. Ангажирањето на рускиот Иљушин треба дополнително да ги засили напорите за ставање на огнот под контрола.