Руски балистички проектил на 24 јули погодил и уништил фабрика за производство на дронови во Киев, која била во сопственост на американската компанија Terminal Autonomy, објави британскиот весник The Guardian.
Доколку информацијата се потврди, ова би можело да биде прв случај од почетокот на руската инвазија во кој Москва директно погодила производствен погон во сопственост на американска компанија.
Според извор запознаен со работата на компанијата, фабриката произведувала прецизни беспилотни летала за напади на големи растојанија, опремени со навигациски системи отпорни на руско електронско попречување.
Компанијата е регистрирана во американската сојузна држава Делавер во 2023 година. Од Terminal Autonomy не одговориле на барањето за коментар на „Гардијан“, а без коментар останало и украинското Министерство за одбрана.
Поранешниот висок американски разузнавачки функционер Ентони Винчи изјави дека за Русија не е важно кој е сопственик на производствениот погон.
„За Русите не е важно кој ја поседува фабриката. Ако таму се произведува воена опрема, тоа е легитимна воена цел“, изјавил Винчи.
За нападот прва извести руската државна новинска агенција TASS, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана. Во соопштението не било наведено дека фабриката е во американска сопственост, но било посочено дека во неа работеле „експерти на украинско-американска компанија“.
Според истиот извор, во фабриката се произведувале дроновите AQ-400 Scythe и AQ-100 Bayonet. Извор близок до компанијата тврди дека во нападот нема загинати.