Каја Калас: Рускиот дрон во Романија е сериозно нарушување на европскиот воздушен простор

Каја Калас оцени дека падот на руски дрон врз станбена зграда во романскиот град Галац е сериозно нарушување на суверенитетот на Романија и на европскиот воздушен простор.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, остро го осуди падот на руски дрон врз станбена зграда во романскиот град Галац, оценувајќи дека станува збор за „очигледно и сериозно кршење“ на суверенитетот на Романија и на европскиот воздушен простор.

Калас објави на социјалната мрежа Икс дека разговарала со романската министерка за надворешни работи, Оана Цоју, на која ѝ ја пренела целосната солидарност на Европската Унија со Романија.

„Русија одамна престана да ги почитува границите. На Москва не смее да ѝ се дозволи, без последици, да го нарушува европскиот воздушен простор“, порача Калас.

Таа додаде дека министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ се обврзале да го зголемат притисокот врз Русија, да ја засилат поддршката за Украина и да инвестираат во јакнење на европските одбранбени капацитети.

Реакцијата следува откако руски дрон падна врз станбена зграда во Романија, при што беа повредени две лица. Инцидентот предизвика остри реакции и осуди од НАТО и Европската Унија.

Случајот дополнително ја зголемува загриженоста во Европа поради ризикот војната во Украина да се прелее врз територијата на земји членки на ЕУ и НАТО, особено во региони блиску до украинската граница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс