Русија воведе дигитална рубља контролирана од централната банка

Парите нема да се чуваат во комерцијалните банки, туку директно кај Банката на Русија, а граѓаните ќе можат да плаќаат преку постојните апликации.

Русија започна со масовна примена на дигиталната рубља, со што граѓаните преку апликациите на најголемите банки можат да отворат дигитален паричник, да плаќаат во продавници и да префрлаат средства без провизија. Банката на Русија ја воведе оваа трета форма на националната валута по повеќегодишно тестирање, додека еврозоната сè уште ја разгледува можноста за дигитално евро, чија евентуална примена не се очекува пред 2029 година.

Дигиталната рубља не претставува криптовалута, туку официјално платежно средство издадено од руската централна банка. Нејзината вредност е фиксирана и секогаш е еднаква на обичната рубља, без разлика дали станува збор за готовина или за пари на трансакциска сметка.

Главната разлика е во местото на чување. Додека стандардните банкарски сметки се водат кај комерцијалните банки, дигиталните рубљи се наоѓаат директно на платформата на Банката на Русија. Секој граѓанин може да има само еден дигитален паричник, но до него има пристап преку апликациите на повеќе различни банки.

Дванаесет системски значајни руски банки, кои држат над 80 отсто од платниот промет, веќе го интегрираа системот. Останатите финансиски институции ќе се приклучуваат етапно до 2028 година.

Граѓаните можат месечно да префрлат до 300.000 рубљи од своите сметки во дигиталниот паричник. По уплатата, нема ограничувања за трошење или префрлање на парите, а трансакциите за физички лица се бесплатни. Врз дигиталните рубљи не се пресметува камата, ниту пак преку нив може да се зема кредит или да се отвора штеден влог. Централната банка наведе дека употребата останува доброволна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс