Русија се соочува со недостиг на гориво: Наставници распоредени на бензински пумпи да ги смируваат редиците

Недостигот на гориво во Русија предизвика вонредни мерки. Во Краснодар наставници се испратени на бензински пумпи, а во повеќе региони се воведува рационализација на продажбата.

Русија се соочува со сè поголем недостиг на гориво, поради што регионалните власти воведуваат вонредни мерки за справување со кризата. Во Краснодарскиот регион наставници за време на летниот распуст се распоредени на бензински пумпи за да ги контролираат редиците и да ги смируваат возачите кои чекаат со часови за гориво.

Според локалните извештаи, за оваа задача наставниците добиваат само основно освежување – чај и кафе.

Недостигот на гориво е поврзан со нападите врз руската нафтена инфраструктура, поради кои дел од рафинериските капацитети се оштетени или привремено запрени.

Наставници на пумпи наместо во училници

Управата на Динскиот округ во Краснодарскиот регион им наложила на локалните училишта нивните вработени да преземат смени на бензинските станици. Нивната задача е да одржуваат ред меѓу возачите, да спречат конфликти и да даваат информации за ограничувањата при купување гориво.

Од окружниот оддел за образование тврдат дека ангажманот е доброволен и ограничен на машки персонал, со образложение дека проблемите со снабдувањето влијаат врз сите граѓани.

Сепак, според реакции на локалните социјални мрежи, дел од вработените тврдат дека и наставнички биле распоредени на овие задачи под закана од отказ. Вработените изразиле загриженост дека не се обучени за справување со нервозни возачи и можни конфликти во услови на долги редици и незадоволство.

Рационализација на горивото во повеќе региони

Слични мерки се воведуваат и во други делови на Русија.

Во Псковската област властите ангажираат „волонтери“ и припадници на таканаречени „народни патроли“ за надзор на редиците и информирање на возачите за ограничувањата при купување гориво. Во повеќе региони – меѓу кои Карелија, Мордовја, Орловската, Нижегородската, Липецката, Астраханската и Кировската област – властите најавиле можност за продажба на гориво само во одредени денови, зависно од последната цифра на регистарската табличка.

Во Иркутската област се разгледува воведување електронски систем за чекање, додека во Перм е поднесено барање за одржување јавен протест поради кризата со горивото.

Украина тврди дека се оштетени над 40 отсто од руските рафинериски капацитети

Според проценките на Генералштабот на украинските вооружени сили, украинските напади врз руската енергетска инфраструктура оштетиле околу 42,7 отсто од капацитетите за преработка на нафта во Русија. Украинската страна соопшти дека во периодот од 11 до 12 јули била нападната рафинеријата Сизран во Самарската област, како и танкери и траекти во Азовското Море.

Според украинските воени проценки, во последниот месец биле нападнати осум руски рафинерии, при што биле уништени или сериозно оштетени повеќе од 60 резервоари за складирање.

Финансиските загуби за руската преработувачка индустрија од август 2025 година се проценуваат на околу 13,5 милијарди долари. Податоците на „Ројтерс“ покажуваат дека производството на гориво во Русија во јуни било намалено за околу 25 проценти во однос на истиот период минатата година, а околу 20 проценти под домашната побарувачка.

Кризата го погоди и транспортниот сектор

Намалувањето на рафинериските капацитети предизвикало недостиг на гориво во повеќе од 50 руски региони. Некои локални власти вовеле приоритетно точење за државни возила, службеници и итни служби.

Проблемите особено го погодија товарниот транспорт. Логистичките компании предупредуваат дека недостигот на дизел гориво предизвикува доцнења и намалување на дневните рути на камионите. Според компаниите, дневните патувања кои претходно изнесувале од 600 до 700 километри, сега се намалени на околу 500 километри, што дополнително ги зголемува трошоците за транспорт и цените на услугите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс