Русија финансира бесплатни тури за странски инфлуенсери во окупираниот Мариупол

Со буџет од 57 милиони долари, Русија финансира бесплатни тури за странски инфлуенсери во Мариупол и Доњецк за да создаде слика за мирен живот.
Фото: Youth Policy Ministry in Russian-occupied Donetsk Oblast

Руската влада користи државно финансирани младински собири и бесплатни патувања за млади странци во окупираните делови на Украина за да ја легитимира војната и да ја пробие информациската изолација. Во септември 2026 година, 15 млади креатори на содржини од Африка, Азија, Латинска Америка и Европа посетија делови од Доњечката Област под руска контрола во рамките на Меѓународниот фестивал на младите, споделувајќи на социјалните мрежи слика за нормално секојдневие без споменување на воените разурнувања.

Меѓународниот фестивал на младите го организира руската Федерална агенција за младински прашања (Росмолодеж), а годинашниот централен настан во Екатеринбург собра околу 10.000 учесници, од кои половината дојдоа од странство. За реализација на фестивалот во 2026 година, рускиот федерален буџет издвои 4,7 милијарди рубљи (околу 57 милиони долари), што претставува зголемување за речиси пет пати во споредба со претходната година.

Кандидатите за учество поминувале селекција преку видео-претставување и есеј, при што организаторите им давале предност на апликанти со активно присуство и публика на социјалните мрежи. На повеќето избрани учесници им биле покриени авионските билети, сместувањето и храната, со очекување да објавуваат позитивни содржини за нивниот престој.

На отворањето на фестивалот на 13 септември, рускиот претседател Владимир Путин им се обрати на учесниците преку видео-врска, а дел од делегатите веднаш објавија снимки како позираат со своите национални знамиња пред екранот. Програмата во Екатеринбург вклучувала и изложба посветена на наводен украински неонацизам, преведена на седум јазици, вклучувајќи арапски, кинески и шпански.

По четиридневната програма во Екатеринбург, дел од учесниците биле распределени во помали групи за теренски посети, меѓу кои и петдневна тура во окупираните градови Доњецк, Макиивка и Мариупол. Во делегацијата учествувале млади од Танзанија, Индонезија, Јужна Африка, Узбекистан, Бразил, Србија и Индија.

Групата го посетила обновениот Драмски театар во Мариупол, каде што учесниците снимале видеа на сцената. Руските сили го бомбардираа овој театар во март 2022 година додека во него се криеја стотици цивили, напад што организацијата Амнести интернешнал го оквалификува како воено злосторство. Во објавите на младите посетители овој факт целосно отсуствува.

„Топло препорачувам посета на овој град кој ги издржа најтешките ситуации и опстана“, напиша узбекистанскиот музичар Радмир Хамдамов за Мариупол, изоставувајќи дека градот беше речиси целосно уништен за време на тримесечната руска опсада во која загинаа илјадници цивили.

Во официјалниот водич за патувањето, до кој дојде редакцијата на „Кијив индипендент“, на учесниците им се советува да избегнуваат разговори за чувствителни теми, вклучувајќи политика и меѓународни конфликти. Истовремено, на последната страница од прирачникот се бара од нив да објавуваат кратки видеа, приказни и фото-галерии со официјални хаштагови, со ветување дека најдобрите објави ќе бидат споделени на каналите на организаторите.

Иако на почетокот на посетата во Доњецк делегатите пуштале бели гулаби заедно со припадници на „Младата гарда“, младинското крило на владејачката партија Единствена Русија, програмата брзо добила милитаристички карактер. Учесниците биле однесени на стрелиште каде што пукале со пушки, а подоцна позирале пред изложена артилерија и оклопни возила.

„Драга Русија, успешно и без напор ми го освои срцето“, напиша Еклат Алан од Танзанија под фотографија на која позира пред воена опрема, означувајќи ја локацијата како „Доњецк, Русија“.

За време на посетата, групата се сретнала со Антон Колцов, шеф на руските окупациски власти во Мариупол, како и со претставници на локалните медиуми и младински организации. Влезот на окупираната украинска територија преку Русија е нелегален според украинските закони, а Киев во 2023 година веќе воведе забрана за влез во земјата за група кинески блогери кои на сличен начин го посетија Мариупол.

Професорката Џејд Мекглин од Кралскиот колеџ во Лондон објаснува дека носењето странци на окупираните територии ѝ помага на Москва да ја заобиколи информациската блокада, бидејќи содржините изгледаат како независно сведоштво наместо директна државна пропаганда. Според неа, ваквите објави имаат двојна цел: да создадат слика за нормалност кај публиката на глобалниот југ и да им порачаат на жителите во окупираните области дека светот ја прифатил новата реалност.

Професорот Андреј Макаричев од Универзитетот во Тарту посочува дека Кремљ ги користи ваквите културни и младински настани за да покаже оти западните обиди за изолација на Русија се неуспешни и за да ја нормализира тековната војна.


Киргистанскиот учесник Баиел Абдибеков изјави дека самиот не ја избрал дестинацијата, туку организаторите го испратиле таму, додавајќи дека неговото учество не значи поддршка за ниту една страна во конфликтот. Сепак, професорката Мекглин оценува дека личните мотиви на посетителите се неважни во споредба со политичката употреба на нивното присуство: „Во најдобар случај таквите коментари се неуки, а во најлош се манипулативни“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс